• петок, 22 ноември 2024

Украинската вицепремиерка Стефанишина предупредува од замор од војна

Украинската вицепремиерка Стефанишина предупредува од замор од војна

Берлин, 24 ноември 2023 (МИА) - Европските земји покажуваат зголемен замор од војната, додека ништо не се променило во волјата на Украина за борба против руската агресија, изјави денеска вицепремиерката Олха Стефанишина за време на посетата на Берлин.

-Нашата определба остана иста, посочи Стефанишина која има одговорност во владата на претседателот Володимир Зеленски за европската и евроатлантската интеграција.

Таа нагласи дека читала наслови за замор од војна и дека додека патувала низ земјите-членки на ЕУ слушнала дека војната се одолговлекува.

-Не треба да ги броиме деновите, треба да видиме како се развиваат работите, рече таа по повеќе од 600 дена од инвазијата.

Таа истакна дека украинската Армија постигнала напредок во конвертирањето кон стандардите на НАТО од самитот на НАТО во Вилнус во јули, каде што се разговарало за членството на Украина без да се одреди прецизен пат или датум.

-Самитот на ЕУ во средината на декември, каде што треба да се донесе одлука дали би можеле да започнат пристапните преговори со Украина, ќе биде клучен момент, рече Стефанишина, додавајќи дека членките на ЕУ треба да разговараат за прашањата пред Самитот. 

Украина, како што дополни, ќе стане доверлива земја-членка на ЕУ,  а „позитивната одлука за пристапните разговори ќе го задржи позитивниот импулс на проширувањето на ЕУ, помагајќи им на балканските земји кои исто така чекаат членство“.

-Поразот за Украина би имал домино ефект, предупреди таа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан