• петок, 22 ноември 2024

Украина, Западен Балкан, снабдувањето со природен гас теми на средбата на Мицотакис со бугарската делегација предводена од Василев  

Украина, Западен Балкан, снабдувањето со природен гас теми на средбата на Мицотакис со бугарската делегација предводена од Василев  
Атина, 22 февруари 2022 (МИА) – Заедничката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, ја истакнале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и бугарскиот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев, кој ја предводи бугарската владина делегација во Грција за време на денешната средба во Атина, на која станало збор и за случувањата во Украина, билатералната соработка, како и снабдувањето со гас, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис, на почетокот од состанокот на двете делегации го уверил Василев дека Грција е подготвена да ѝ помогне на Бугарија во енергетиката и евентуалните проблеми во снабдувањето со природен гас. -Подготвени сме да ја поддржиме Бугарија на секој можен начин за да го надмине она што ние сметаме дека ќе биде краткорочна криза. Секако, соработуваме за што е можно поскоро да го завршиме интерконекторот за  гасоводот Грција- Бугарија (IGB), кој, како што знаеме, е особено важен за Бугарија, за да имате можност да ги диверзифицирате вашите извори за снабдување со гас, рече Мицотакис на почетокот на средбата. Василев понуди помош во снабдувањето со електрична енергија, рече дека ќе стане збор и за поврзувањето и енергетските системи, но и за граничните за олеснување на протокот на стоки и движењето на лица. -И ние сме подготвени и да работиме заедно со Грција и да помогнеме во прашањето со снабдување со електрична енергија, за да гарантираме дека нема да има прекини во снабдувањето. Но, и да ги подготвиме сите планови за кои имаме намера да разговараме во рамките на соработката меѓу двете земји, како што е прашањето за поврзувањето Север- Југ кое е од витално значење за Европа, истакна Василев. За случувањата во Украина бугарскиот вицепремиер изрази загриженост и за ситуацијата и за енергетската криза и рече дека потребна е усогласеност со меѓународното право, кое „сега се прекршува на брутален начин“, додека пак на почетокот на средбата грчкиот премиер детално се осврна на ставот на официјална Атина. Мицотакис рече дека вчерашното признавање од Русија на еднострано прогласување „независност“ на сепаратистичките територии Доњецк и Луганск во Украина претставува очигледно кршење на основните принципи на меѓународното право, на територијалниот интегритет на Украина и договорите од Минск и „како и секоја ревизионистичка иницијатива, ги поткопува меѓународната стабилност и напредок“. -Грција како основен принцип, ги почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на сите држави. Затоа, недвосмислено ги осудува дејствијата што се спротивни на овие вредности и, како земја- членка на Европската унија и НАТО, веќе се координира со своите партнери, така што нејзината реакција да е заеднички и ефективен. Во оваа насока веќе контактирав со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, рече Мицотакис. Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека Мицотакис на средбата со бугарската делегација ги истакнал можностите за соработка во програмите за поврзување на енергетската инфраструктура,  на транспортните и дигиталните мрежи важни не само за Грција и Бугарија, туку и за поширокиот регион, а „за време на средбата беше нагласена заедничката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“ Мицотакис беше првиот странски лидер на земја членка на ЕУ што оствари официјална посета на Бугарија по формирањето на новата Влада и се сретна со бугарскиот премиер Кирил Петков пред два месеци.ср/сд/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан