• петок, 05 декември 2025

УКЛО-Битола промовира „Мој Еразмус бележник“ за домашни и странски студенти

УКЛО-Битола промовира „Мој Еразмус бележник“ за домашни и странски студенти

Битола, 21 ноември 2025 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, член на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС, промовира „Мој Еразмус бележник“ на македонски и англиски јазик кој ќе го користат студентите од битолскиот, но и од универзитетите во странство.

-„Мој Еразмус бележник“ е дневник-споменар кој им овозможува на нашите студенти при престој на универзитетите во странство да добиваат насоки за дејствување, но и соодветно информирање на студенти од странство што ќе престојуваат во нашата држава, изјави за МИА, професор д-р Рената Петревска Нечкоска, академски раководител на УКЛО КОЛОРС.-

„Мој Еразмус бележник“ е публикуван на 30 страници во кои може да се впишат спомени од државата во која студентот ќе престојува, кого ќе сретне, на страницата академски календар може да ги впише сите детали од универзитетот во кој престојува, контакти со Еразмус-координатори, факултети и начин на работење на студентската организација. Во бележникот може да се прикачуваат фотографии и да се скицираат анализи и истражувања поврзани со студентските активност на универзитети во странство членки на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС, истакна професорката Петревска Нечкоска.

Во публикацијата што ќе се користи во наредниот период, посебен квалитет претставуваат информациите на англиски јазик, а се однесуваат на важни македонски обелејжја и традиција.

-Во публикуваниот материјал на англиски јазик, студентите од странство за кои исто така е достапен дневникот, содржани се информации за нашата прекрасна Македонија, за македонската кујна и ресторани. Студентите гости имаат можност да се учат зборови и поуки на македонски јазик, а тоа овозможува да се запознаат со нас, и да бидат мотивирани да бидат наши чести гости, нагласи Петревска Нечкоска, академски раководител на УКЛО КОЛОРС.

Во „Мој Еразмус бележник“ содржани се и податоците за контакти со студентски организации и студентски програми што ги нудат членките на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС.мт/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан