• вторник, 27 јануари 2026

УКИМ: Осумдесет и двајца студенти минатиот семестар ја завршија Програмата за изучување на холокаустот  

УКИМ: Осумдесет и двајца студенти минатиот семестар ја завршија Програмата за изучување на холокаустот  

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - На 82 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје им се доделени сертификати за завршен универзитетски курс за изучување на холокаустот. Тие во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“, а сертификатите им беа врачени вчера во Ректоратот на УКИМ, на комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“, со кој беше одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје соопшти дека со овие 82 студенти вкупно 375 ја следеле оваа програма во изминатите три години.

- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитета кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година - соопшти Правниот факултет на УКИМ. 

На комеморативниот настан вчера се обратиле амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо, и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ.

- На настанот зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип - се наведува во соопштението. хс/са/

Фото: Правен факултет „Јустинијан Први“-Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан