• петок, 22 ноември 2024

Уапсен фудбалер на Олимпијакос по пријава дека силувал 17-годишна девојка

Уапсен фудбалер на Олимпијакос по пријава дека силувал 17-годишна девојка
Атина, 30 август 2021 (МИА) – Доцна синоќа, под обвинение дека силувал 17-годишна девојка, уапсен е фудбалер на грчкиот фудбалски клуб Олимпијакос, а денеска или најдоцна утре ќе биде изведен пред јавен обвинител, јави дописничката на МИА од Атина. Според грчките медиуми, станува збор за 27-годишниот Португалец Рубен Семедо, а апсењето доаѓа по пријава од жртвата. Како што пишуваат медиумите во Грција, 17-годишната пријавила дека во саботата, по забава во ноќен клуб Семедо и уште едно лице, негов пријател ја одвеле во домот на фудбалерот, каде што и била силувана. Девојката пријавила во полиција, по што интервенирал Секторот за заштита на малолетни лица и фудбалерот бил уапсен. Од грчката полиција соопштуваат дека синоќа, било уапсено едно лице, странски државјанин, обвинето за силување на малолетничка, додека пак за истото дело се товари уште еден странски државјанин. Во ноември минатата година, за време на целосниот карантин во Грција, Семедо и неговите соиграчи Лазар Ранѓеловиќ и Бруно Фелипе беа казнети откако беше откриено дека и покрај забраните, присуствувале на приватна забава во атински хотел. ср/

Остани поврзан