• четврток, 21 ноември 2024

Тухел по ремито со Вулверхемптон: Челзи играше како да губи со 0:2, а беше обратно

Тухел по ремито со Вулверхемптон: Челзи играше како да губи со 0:2, а беше обратно
Лондон, 7 мај 2022 (МИА) - Тренерот на Челзи, Томас Тухел, не е задоволен од начинот на кој неговите фудбалери испуштија победа на денешниот натпревар со Вулверхемптон во 36. коло од Премиер лигата. „Сините“ од Лондон освоија само бод играјќи 2:2, иако во 58. минута имаа предност со 2:0. - Почнавме добро во двете полувремиња со формација 3-5-2. Ги знаевме ризиците и знаевме дека мора да бидеме дисциплинирани. Во најголем дел во првото полувреме беше така, само во некои ситуации премногу ризикувавме, поради што нашиот гол беше изложен на опасности. На полувремето ги потсетив играчите да се држат до планот. Во второто полувреме имавме предност од 2:0 и повторно почнавме да ризикуваме премногу. Како да го каниме противникот во контранапад да создава шанси. И штом почнеш да играш така, ја губиш довербата во себе и му даваш на противникот да разбере дека не е се загубено. Престанавме да создаваме опасни ситуации, правевме грешки при дриблинг. Во одреден момент почнавме да играме како да губиме со 0:2, а не да водиме. Се обидовме да ја промениме формацијата и не сум сигурен дека ова беше вистинската одлука, ќе мора да го преиспитаме натпреварот, изјави Тухел. Челзи на три кола до крајот на првенството има 67 бодови и се наоѓа на 3. место со убави шанси да ја задржи оваа позиција и да обезбеди пласман во Лигата на шампионите и следната сезона. зс/

Остани поврзан