Туск може да стане премиер на Полска на 13-14 декември
- Според висок функционер во полската претседателска администрација, Доналд Туск, лидерот на Граѓанската коалиција, најголемата партија во коалицијата со парламентарно мнозинство, може да положи заклетва како нов полски премиер на 13 или 14 декември, објавија полските медиуми, пренесе БТА.
Варшава, 8 декември 2023 (МИА) - Според висок функционер во полската претседателска администрација, Доналд Туск, лидерот на Граѓанската коалиција, најголемата партија во коалицијата со парламентарно мнозинство, може да положи заклетва како нов полски премиер на 13 или 14 декември, објавија полските медиуми, пренесе БТА.
Војчех Коларски, државен секретар во претседателската администрација, вчера на Католичкото радио објави дека Доналд Туск, кандидатот за премиер предложен од парламентарното мнозинство, може да положи заклетва пред претседателот Анджеј Дуда на 13 или 14 декември.
Во согласност со програмата на долниот дом на полскиот парламент, на 11 декември, актуелниот премиер Матеуш Моравјецки ќе го одржи својот програмски говор пред комората. Неговиот предлог-кабинет потоа ќе биде подложен на гласање за доверба, кое се очекува да пропадне бидејќи мнозинството гласови во Парламентот и припаѓаат на опозицијата. Во таков случај, во текот на денот пратениците ќе предложат свој кандидат за премиер, а неговата кандидатура повторно ќе биде ставена на гласање.
Лидерите на трите опозициски партии кои освоија мнозинство во долниот дом на Парламентот на изборите на 15 октомври сакаат нивната влада да биде предводена од Туск и планираат тој да ја преземе функцијата што е можно поскоро. Нивниот кандидат ќе ја претстави својата програма на 12 декември. мс/
фото: МИА архива