Турција ќе донесе судија од странство за дербито меѓу Галатасарај и Фенербахче
- Претседателот на турската фудбалска федерација Ибрахим Хачиосманоглу изјави денеска дека големото дерби од 25. коло од локалното првенство меѓу Галатасарај и Фенербахче, кое ќе се игра на 24 февруари, ќе го суди странец.

Истанбул, 19. февруари 2025 (МИА) – Претседателот на турската фудбалска федерација Ибрахим Хачиосманоглу изјави денеска дека големото дерби од 25. коло од локалното првенство меѓу Галатасарај и Фенербахче, кое ќе се игра на 24 февруари, ќе го суди странец.
„За да не ги доведеме нашите судии во тешка ситуација, за овој натпревар ќе ангажираме странски судија од светска класа. Во врска со ова е извршена кореспонденција и добиени се потврди, рече Хачиосманоглу.
Галатасарај води на табелата во турското првенство со шест бодови пред второпласираниот Фенербахче, чиј тренер Жозе Мурињо минатиот викенд изјави дека неговиот тим „во нормални околности би имал осум или девет бодови предност“, јасно алудирајќи на тоа како судиите во голема мера му помагаат на Галатасарај, кој наводно има поддршка од владејачките структури. Пред две недели фудбалерите на Адана Демирспор го напуштија теренот по половина час игра против Галатасарај во знак на протест поради досуден пенал за Галатасарај.
Галатасарај ги освои последните две турски првенства, додека Фенербахче последен пат беше шампион во 2014 година. ег
ФОТО: ЕПА