• недела, 30 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Тунч: Апсењето на Имамоглу не е политички мотивирано

Тунч: Апсењето на Имамоглу не е политички мотивирано

Анкара, 27 март 2025 (МИА) – Министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч изјави дека истрагата против градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу не е политички мотивирана и е „прашање на правосудството“.

- Категорично отфрламе каква било поврзаност на истрагата со претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган и какви било политички мотиви зад истражните дејствија, изјави Тунч, коментирајќи ги наводите на опозициската Републиканска народна партија дека Ердоган стои зад акциите против Имамоглу во обид да го спречи да се кандидира на следите претседателски избори.

Тунч ги повика западните земји, а особено турските „европски пријатели“, да ги чекаат резултатите од истрагата и правните постапки и да не брзаат со оценките за случајот.

Германија, Франција, Европска комисија и Советот на Европа изразија загриженост за апсењето на Имамоглу или ги критикуваа постапките на полицијата. И американскиот државен секретар Марко Рубио, на средбата со шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, го иницирал прашањето за апсењето на градоначалникот на Истанбул.

Имамоглу беше приведен на 19 март под обвинение за корупција и поддршка на терористичка организација. На 23 март, судот нареди негово трајно апсење, а истиот ден, на внатрешните избори, опозициската Републиканска народна партија го предложи за претседателски кандидат на следните избори, што треба да се одржат во 2028 година.

Апсењето на Имамоглу предизвика масовни протести во поголемите градови во Турција, кои доведоа до судири со полицијата и стотици приведени, вклучително и новинари. ми/

фото: Фејсбук

Остани поврзан