Три приватни британски и еден кипарски универзитет ќе отворат свои подружници во Грција
- Министерството за образование, религија и спорт на Грција издаде четири одлуки со кои се одобрува дозволата за основање и работа на недржавни странски универзитети со статус на правно лице за високо образовани за академската 2025-2026 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 29 август 2025 (МИА) – Министерството за образование, религија и спорт на Грција издаде четири одлуки со кои се одобрува дозволата за основање и работа на недржавни странски универзитети со статус на правно лице за високо образовани за академската 2025-2026 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Зелено светло од надлежното грчко Министерство добија три британски и еден кипарски приватен универзитет, кои во Грција ќе отворат свои подружници, а воедно се и првите странски институции за кои е издадена одлука откако законот за отворање непрофитни, недржавни високообразовни институции во март минатата година беше изгласан од Парламентот, но и предизвика реакции кај студентите кои одржаа низа протести
Како што соопштија од Министерството, The Open University и The University of YORK ќе отворат подружници во Солун, а The University of Keele и University of Nicosia ја избрале Атина.
Министерката за образование, религија и спорт на Грција Софија Захараки рече дека финализирале „историски чекор, во корист на помладите генерации“.
- Сите (одобрени) апликации доаѓаат од странски универзитети со признат квалитет и нивното вклучување на грчката академска мапа може да донесе само позитивни придобивки, истакна Захараки.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на крајот од 2023 година соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, истакнувајќи дека станува збор за историска реформа во образованието, по што следеа реакции и низа протести од студентите што се одржуваа секој четврток во период од речиси два месеци се до изгласувањето на законот на почетокот на март лани. ср/ссм/