• петок, 05 декември 2025

Тричасовен штрајк на Кипар

Тричасовен штрајк на Кипар

Никозија, 11 септември 2025 (МИА) – Синдикатите од Република Кипар за денеска закажаа тричасовен генерален штрајк од 11 до 14 часот, што ќе донесе, откажани прегледи и операции во болниците, проблеми во летовите и јавниот превоз, затворени училишта, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот е поради барањето на синдикатите за целосно спроведување на механизмот АТА, односно автоматско прилагодување на платите според инфлацијата, т.е. трошоците за живот.

Училиштата ќе бидат затворени од 11 до 14 часот и од Министерството за образование на Кипар, преку соопштение ги повикаа родителите навремено да ги земат децата и информираа дека дневниот престој повторно ќе се отвори по завршувањето на штрајкот.

Болниците во конкретниот период ќе работат само со итни случаи, закажаните прегледи и операции се откажани, а нема да функционираат и јавните служби.

Според кипарските медиуми, штрајкот ќе создаде проблеми и во авионскиот сообраќај за околу 15.000 патници и околу 50 летови од и кон аеродромите во Ларнака и Пафос, а најмалку шест летови се откажани.

Јавниот сообраќај во земјата, три часа целосно ќе биде во прекин, а паралелно закажани се и протести во Никозија, Лимасол, Ларнака, Паралимни и Пафос.

Тричасовниот штрајк е откако не беше постигнат напредок во разговорите меѓу синдикатите и министерот за труд за АТА механизмот, а преговорите се очекува да продолжат и во иднина. ср/

Остани поврзан