• недела, 22 декември 2024

Тридневна жалост во Македонска Каменица поради трагичната смрт на двајца млади каменичани

Тридневна жалост во Македонска Каменица поради трагичната смрт на двајца млади каменичани

Македонска Каменица, 10 април 2023 (МИА) - Советот на општина Македонска Каменица вечерва прогласи тридневна жалост, поради трагичниот настан кој вчера се случи во областа Пиемонт, Италија, каде во сообраќајна несреќа животот го загубија двајца жители од Македонска Каменица.

Одлуката за прогласување на тридневна жалост во Општина Македонска Каменица  беше донесена едногласно на вечерашната итна Седница на Советот на Општина Македонска Каменица.
 
-Македонска Каменица е завиена во црно. Македонска Каменица е во жалост. Згаснаа млади животи. Почитувани сограѓани,  Советот на Општина Македонска Каменица изразува искрено и длабоко сочувство до фамилиите на трагично загинатите млади момчиња.  Денес, Советот на Општина Македонска Каменица на Вонредна Седница едногласно донесе одлука да прогласи Тридневна Жалост во деновите 11, 12 и 13 Април 2023 година, Вторник, Среда и Четврток. Момчиња почивајте во мир, нека Ви е светол патот во вечноста.  Секогаш ќе се сеќаваме на Вас, се вели во соопштението од каменичкиот Совет по повод прогласувањето на Тридневната жалост.
 
Оттаму додадоа дека по дополнителни консултации со службите во Општината ќе ја разгледаат можноста за одобрување на финансиски средства за семејствата на загинатите во трагичниот настан.     
 
Во сообраќајната несреќа која синоќа се случи во близина на италијанскиот град Асти, како што претходно потврдија од Министерството за надворешни работи, животот го загубија тројца македонските државјани З.С. - 33 години од Македонска Каменица, А.К. - 31 година од селото Саса, како и В.И. – 30 години од село Пекљани, Виничко.вс/свс
Фото: МИА

Остани поврзан