• недела, 22 декември 2024

Трет ден на жалост за трагедијата во Нови Сад, продолжува истрагата и сослушувањата

Трет ден на жалост за трагедијата во Нови Сад, продолжува истрагата и сослушувањата

Белград, 4 ноември 2024 (МИА) - Во Војводина е трет ден на жалост за 14-те жртви од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Тројца од повредените се уште се во критична состојба, обвинителството досега сослушало 40 лица меѓу кои и министерот Горан Весиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Започна погребот на жртвите, а граѓаните со цвеќиња и свеќи им оддаваат почит на жртвите.

Трите лица кои беа тешко повредени во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад се уште се во тешка состојба и нивните животи се во опасност.

Поради оваа трагедија од граѓаните беа организирани два протести, во саботата во Нови Сад и во неделата во Белград.

Новосадската опозиција најави голем протест за вторник во 18 часот пред железничката станица.

Граѓаните бараат оставки од министерот за градежништво Горан Весиќ, премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуровиќ.

Во моментов главна полемика се води за прашањето за настрешницата што се урна, дали е реконструирана или не. Претставници на властите и на кинеската компанија која ја реконструираше Железничката станица тврдат дека настрешницата не е реконструирана, а инженерите и граѓаните го тврдат спротивното, дека е реконструирана.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорените во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.

Се собира доказен материјал меѓу кои е и документацијата на Министерството за градежништво, која ќе биде предадена на стручни лица на понатамошна обработка. об/

Остани поврзан