• понеделник, 23 декември 2024

Трето издание на Лешочки камерен музички фестивал

Трето издание на Лешочки камерен музички фестивал

Тетово, 14 септември 2023 (МИА) - Лешочки камерен музички фестивал по трет пат ќе се организираа оваа недела во Духовно културниот центар „Кирил Пејчиновиќ во тетовски Лешок. Уметничкиот раководители на фестивалот Маја Шутевска Кировска информира дека двете фестивалски вечери се предвидени овој петок и недела 15 и 17 септември.

На свеченото отворање во петок 15 септември ќе се одржи и првиот концерт во 18 часот на кој ќе настапа гудачкиот дует Соња Смилеска-Михајловски на виола и Михајло Михајловски на виолина. На вториот концерт од 19 часот ќе настапи дуетот Шкељзен Пајазити на виолина и Јетмир Мехмеди на гитара.

На втората фестивалска вечер во недела првиот концерт е во 18 часот за младите музички уметници сопранот Мила Николовска-Ѓумар и Ана Гаштаровска на пијано. Истата вечер на вториот концерт ќе настапат гостите од Бања Лука, Иван Оташевиќ на виолина и Снежана Поповиќ-Вулета на пијано.

- Овој фестивал претставува и промоција на овој регион, во кој настаните од ваков вид се во многу мал број. Идејата за фестивалот на необично и егзотично место тлееше во нас веќе подолг период и многу сме среќни што во 2021 година успеавме за прв пат да го реализираме овој фестивал. Инаку, одржувањето на вакви фестивали на необични, атрактивни локации се од особено културно значење за една земја и се веќе долги години во тренд во сите поразвиени европски земји. Од наше долгогодишно искуство како концертни уметници кои настапуваат во странство, забележавме дека сите фестивали се организираат на необични, планински, егзотични места кои се од особено културно значење за регионот, како Вербиер во Швајцарија, и многу фестивали во Италија, Франција, Германија и скандинавските земји, истакна Маја Шутевска Кировска.

Покрај заживувањето на концертниот живот во Полошкиот регион, мотото на фестивалот е „Зближување преку уметноста-приближување на различни култури преку универзалниот јазик-музиката“, посебно на двете најголеми етнички заедници во овој регион македонската и албанската.

- Целта на фестивалот е приближувањето на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, како и промовирање на истакнати и млади музички уметници од Полошкиот регион, со едно гостување од странство. Сања и Шкељзен потекнуваат од полошкиот регион и со тоа нашата идеја за промоција на уметници од овој регион продолжува и оваа година, додека Јетмир работи во Тетово. Оваа наша идеја ја поддржа диригентот проф. Ивица Зориќ, на чија иницијатива е направена убава концертна сала во Лешок со клавирот на нашиот доајен Тодор Скаловски-Тетоец, потенцира Маја Шутевска Кировска.

И оваа година Министерството за култура го поддржа финансиски одржувањето на фестивалот, а комисијата за музичко сценска дејност. ас/ир


Фото: Лешочки камерен музички фестивал

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан