• петок, 22 ноември 2024

Трета фаза од изборите во Индија - гласаше и премиерот Моди

Трета фаза од изборите во Индија - гласаше и премиерот Моди

Њу Делхи, 7 мај 2024 (МИА) - Индискиот премиер Нарендра Моди денеска гласаше во третата фаза од општите избори во Индија. Моди, кој се кандидира за својот трет мандат, гласаше на избирачко место во западниот индиски град Ахмедабад, во сојузната држава Гуџарат.

Во пораката на социјалната мрежа Х, Моди ги повика Индијците да гласаат и на тој начин да ја „зајакнат демократијата“.

Политичките аналитичари ја предвидоа победата на Нарендра Моди уште пред почетокот на изборите, кои се одржуваат од 19 април до 1 јуни, во вкупно седум фази.

БЈП на Моди е против широкиот опозициски сојуз предводен од Индискиот национален конгрес и моќните регионални партии.

Критичарите на премиерот велат дека индиската традиција на различност и секуларизам е нападната откако БЈП дојде на власт пред една деценија.

Тие ја обвинуваат партијата за поттикнување верска нетрпеливост, а понекогаш дури и насилство. Партијата одговара на овие обвинувања со тврдење дека нејзината политика е од корист за сите Индијци.

Речиси 970 милиони гласачи - повеќе од 10 отсто од светското население - избираат 543 членови на Долниот дом.

На 4 јуни ќе се бројат гласовите од вкупно 28 држави во Индија. паг/

Фото: ЕПА


 

Остани поврзан