• недела, 22 декември 2024

Тренчевска: Родовите улоги во општеството ја создаваат дискриминацијата

Тренчевска: Родовите улоги во општеството ја создаваат дискриминацијата

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Стереотипите и предрасудите се најголемата причина зошто на пазарот на труд има јаз од дури 20,3 проценти помеѓу мажите и жените, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Најголем дел од жените, според Тренчевска, се грижат за домот и семејството, и тука причините треба да ги бараме во стереотипите и предрасудите.

- Во Родовиот индекс кој што го промовиравме од неодамна и публикацијата „Жените и мажите“  бројките покажуваат дека најголем дел од неактивно население се жените. Тоа ја оневозможува државата да го искористи целосниот потенцијал на жените и максимално да го искористи човечкиот капитал во државата. Неактивноста на жените е 55,1 процент, за разлика од мажите кој изнесува процентуално 32,8 отсто, додека родовиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд е 20,3 проценти. Причините ќе ги бараме во стереотипите, предрасудите и грижата на жените за домот и семејството, особено тоа е случај во руралните средини, изјави Тренчевска во емисијата Топ тема на Телма Телевизија.

Според Тренчевска, родовите улоги, поврзани со улогата на девојчињата и момчињата во општеството ја создаваат дискриминацијата.

- Ние имаме задолжително основно и средно образование, тука нема дискриминација. Кога одите понатаму, во високото образование, ќе видите дека вклученост на девојките е многу поголема за разлика од вклученоста на момчињата во високото образование. Магистерски студии, докторски студии, бројките исто така покажуваат дека жените во поголем процент завршуваат и магистерски и докторски студии. Но, во пазарот на труд, на високите раководни позиции се губи таа бројка кај жените, и овде доминантни се, особено на раководни позиции, онаму каде што се креираат политиките, каде што се носат одлуките, доминантна е присутноста на мажите, вели министерката.

Во однос на новиот Закон за родова еднаквост, Тренчевска посочи дека се работи од 2019 година транспарентно со граѓански сектор, институции и вклученоста на Собранието, нагласувајќи дека ќе биде јавено претставен и тогаш ќе го коментира кога ќе бидат организирани и јавни дебати.

- Во меѓувреме имавме парламентарни избори, па локални избори, ковид криза, па имаме година дена анти-родови движења, кои што го оспоруваат донесувањето на законот... Се работеше транспарентно и на никој не му сметаше првичниот текст, кој беше многу понапреден до тоа што е денес. Да, во еден момент се појават граѓански организации кои се крајно десно конзервативни, кои што низ призмата на некаква друга идеологија и со мешање на Законот за матична евиденција, каде е правното признавање на родот, со Законот за родова еднаквост, направија терминот родова еднаквост како концепт, како човеково право биде ѓаволска работа. Тоа е дел од анти-родовото движење што е присутно во Европа, изјави Тренчевска.

Целта на Законот за родова еднаквост, според Тренчевска, е да се зајакнат механизмите, бидејќи имплементацијата на законот не ја прави МТСП, туку ја прават сите институции во државата.

- Свеста на секој еден вработен во администрацијата дека треба да овозможи секој подеднакво, без разлика дали е жена или маж треба да ги ужива истите права. Не треба да се прави дискриминација, треба да се овозможи еднакви можности и еднаков пристап на секој граѓанин, изјави Тренчевска. аа/цр

Фото: МИА ФБ принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан