• петок, 22 ноември 2024

Тренчевска: Поддршката од УНФПА во подготовката на новата стратегија за демографски политики е од голема важност

Тренчевска: Поддршката од УНФПА во подготовката на новата стратегија за демографски политики е од голема важност
Скопје, 6 април 2022 (МИА) -  Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со Џон Кенеди Мосоти, директор на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за Северна Македонија, Србија и Косово,  и Афродита Шаља-Плавјанска, шеф на канцеларијата УНФПА во земјава, на која разговараа за подготовката на новата Стратегија за демографски политики на Северна Македонија. МТСП посочува дека документот има огромно значење зашто со него се  идентификуваат приоритетните области и насоки за подобрување на постојните демографски трендови преку спроведување долгорочни политики и подрачја на дејствување кои директно и индиректно влијаат на демографскиот развој во државава. Како што соопшти МТСП, министерката истакна дека на подготовката на новата стратегија за демографски политики претходи процес на проценка на постојната стратегија  и степенот на нејзина имплементација, а потоа следува формирање на меѓусекторска работна група која ќе даде препораки за развој на новата стратегија. Пракса е да бидат организирани и завршни работилници за финализирање на предлог приоритетите и политиките на делување. -Новата  стратегија ќе се подготвува со учество на сите надлежни институции, домашни експерти, како и техничка и експертска поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА). За подготвената нацрт-верзија ќе биде организирана широка јавна дебата, на која сите чинители во општеството ќе бидат запознати и ќе имаат можност за коментари, рече Тренчевска. Министерката посочи дека крајниот резултат е да подготвиме стратегија изградена на реални демографски податоци - за миграцијата, стареење на населението, наталитетот и  која ќе даде вистински насоки во градењето на политиките кои се однесуваат на целото население во државата, политики за здравството, образованието, социјалната заштита, социјалните сервиси, вработување, родовата еднаквост во сите сфери на општеството и друго. Нацрт-верзијата на новата стратегија се очекува да биде финализирана до јуни 2023 година. Директорот на УНФПА Џон Кенеди Мосоти истакна дека УНФПА со експертска и техничка поддршка како и добрата пракса активно ќе учествува во подготовката на новата стратегија и дека сите заложби и постигнати резултати на Министерството за труд и социјална политика и министерката Тренчевска се јасно видливи и препознаени. Како што информира МТСП, тој изрази и задоволство од идните планови и проекти на министерството. На средбата се разговараше и за отворањето на Ресурниот центар за родово одговорно буџетирање кој е прв од тој формат во Европа, а ќе обезбедува обуки за унапредување на капацитетите на државните службеници во областа на родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, како центар на знаење кој ќе документира истражувања, анализи и други ресурси поврзани во областа на родовата еднаквост. - Родовата еднаквост и еднаквите можности на жените и мажите е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, а во таа насока се и сите активности кои имаат за цел унапредување на законодавството,  политиките и стратешките документи кои се однесуваат на оваа област, рече Тренчевска. МТСП во соопштението наведува и дека двете страни се согласија оти соработката ќе продолжи и во иднина со уште позасилено темпо во областите кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. хс/лв/

Остани поврзан