• петок, 22 ноември 2024

Тренчевска: Креираме политики и мерки кои овозможуваат економско зајакнување на жените од руралните средини

Тренчевска: Креираме политики и мерки кои овозможуваат економско зајакнување на жените од руралните средини
Скопје, 30 мај 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во дебарското село Долно Косоврасти присуствуваше на средбата за вмрежување и градење на сојузништва „Можности за економска активација и вработување на жените од Маврово, Ростуше, Дебар и Центар Жупа“ која беше организирана од Здружението за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска-Скопје, Здружението Радика Де -Дебар и Институтот за општествени и хуманистички науки Скопје. На средбата, како што информира МТСП, се разговарало за можностите за економски активности на жените во програмите и мерките кои ги имплементира Министерството за труд и социјална политика во соработка со сите ресурсни министерства. -Како Министерство во континуитет креираме политики и мерки за решавање на предизвиците со невработеноста преку развој на работната сила со имплементирање на годишните програми за вработување со што овозможуваме директно вработување на лицата и стекнување на вештини кои се актуелни на пазарот на трудот, рекла Тренчевска. Министерката истакнала дека реканскиот крај е еден од најсоодветните за Програмата за самовработување каде на едно лице се доделуваат 307.500 денари, додека за содружници се доделуваат двојно повеќе односно 615.000 денари со кои ќе се овозможи отворање на бизниси во рурален туризам како и производство на високо квалитетна органска храна. -Покрај програмата за самовработување од особено значење се и мерките за обуки за напредни ИТ вештини. Каде преку обуки невработените лица ќе се стекнат со знаења кои ќе ги направи компетентни за вклучување на пазарот на трудот. Потребата од ваквите профили се наметна од дигитализацијата на бизнисите. Исто така со актуелните измени во Законот за работни односи заедно со социјалните партнери ќе се регулираат и атипичните форми на вработување како работа од далечина и работа од дома што се од исклучителна важност за жените од руралните средини, додала министерката. Тренчевска ги охрабрила жените да ги користат мерките кои Владата и релевантните Министерства ги имплементираат, каде почетна точка за тоа е пријавувањето како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.​
Средбата е дел од проектот „Родова димензија на политики во фокус – јакнење на резилиентност во пост-ковид период“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка под програмата Цивика Мобилитас. сст/дма/

Остани поврзан