• недела, 22 декември 2024

Тренчевска за МИА: Економско-социјалниот совет в понеделник ќе ја носи одлуката за висината на минималната плата

Тренчевска за МИА: Економско-социјалниот совет в понеделник ќе ја носи одлуката за висината на минималната плата

Штип, 10 март 2023 (МИА) - Економско-социјалниот совет во понеделник на седница ќе ја носи одлуката за висината на минималната плата, открива во изјава за МИА министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. 

- Одлуката за висината на минималната плата се носи токму на Економско-социјалниот совет, потоа се објавува во Службен весник, за да може работодавачите да ги усогласат платите кои ќе ги исплатат за месец март со одлуката, односно со висината на минималната плата, вели Тренчевска во видео изјава дадена во прес-центарот на МИА во Штип.

Во првата половина на годинава се очекува во владина процедура да влезе и новиот закон за работни односи за којшто во тек се средби и дискусии со сите засегнати страни. Досега, како што информира Тренчевска, одржани се 10 дебати за овој закон. 

- Продолжуваме понатаму и поединечно со секоја целна група да одржуваме состаноци, за да може да дојдеме до најдоброто решение, коешто ќе им одговара и на работодавачите и на работниците и некаде во првата половина на годината да можеме да го пуштиме во владина процедура. Штом завршат сите дебати, ќе седне работната група, којашто е во рамки на Министерството за труд и социјална политика, и ќе ги вклучи сите конструктивни предлози добиени од дебатите. Законот ќе го објави на ЕНЕР, така што ќе можат јавноста, синдикатите, работавачите да даваат дополнителни коментари, за пред да отиде во Влада текстот да биде усогласен и да биде прифатлив и за синдикатите и за работодавачите, рече Тренчовска.

Во однос на паричните надоместоци за правата од социјална и детска заштита, Тренчевска вели дека тие се зголемени. 

- Правата од социјална и детска заштита се усогласени, односно се зголемени за 14,2 проценти со исплатата на правата за февруари, односно ги исплативме зголемени на 5 март. Податоците од Државниот завод за статистика излегоа на крајот на јануари. Центрите за социјални работи не беа во можност да изработат нови решенија и затоа со исплатата во март добија зголемување, односно усогласување на правата и за јануари и за февруари, рече Тренчевска.

Прашана за најавеното зголемување на пензиите, Тренчевска вели дека пензионерите ќе ги добијат зголемувањето со исплатата на пензиите во март.

- Како Влада сме насочени кон системски решенија, а системските решенија значат повеќе приходи на сметките и на работниците и на пензионерите. Со исплатата на пензијата за март, којашто следува на крајот од март, сите пензионери ќе добијат зголемување на пензиите за 8,4 проценти. Ако некој зема 14.000 денари пензија ќе добие зголемување за околу 1.200 денари. Значи тој којшто земал 14.000 ќе зема околу 15.200 или 15.180 денари, рече Тренчовска.

новинар и видео: Викторија Димитрова-Јованова

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан