Трајковски: Општина Делчево го намали долгот за повеќе од три пати
- Општина Делчево успеа значително да го намали долгот кој во минатото претставуваше сериозен товар за локалната самоуправа. Според градоначалникот Горан Трајковски, долгот кој во октомври 2017 година изнесувал околу 248 милиони денари, денес е сведен на приближно 79 милиони денари.
Делчево, 1 октомври 2025 (МИА) – Општина Делчево успеа значително да го намали долгот кој во минатото претставуваше сериозен товар за локалната самоуправа. Според градоначалникот Горан Трајковски, долгот кој во октомври 2017 година изнесувал околу 248 милиони денари, денес е сведен на приближно 79 милиони денари.
– Финансиската стабилност е основа за секој развоен процес во една општина. Од самиот почеток на мандатот една од клучните цели беше воспоставување финансиска дисциплина и домаќинско управување со јавните средства. Денес можам со гордост да истакнам дека општината успеа да го намали долгот за повеќе од три пати, што е јасен показател за одговорното работење на администрацијата и рационалното користење на буџетските средства, изјави Трајковски.
Тој додаде дека со ова намалување се обезбедува поголема ликвидност, стабилност и доверба кај институциите, бизнис-секторот и граѓаните, што ќе овозможи повеќе средства да се насочат кон инвестиции во инфраструктура, образование, култура, спорт и други области важни за подобрување на квалитетот на живот во Делчево.
– Овој резултат е потврда дека со дисциплина, транспарентност и одговорност можат да се надминат и најголемите финансиски предизвици. Продолжуваме по истиот пат – кон целосно финансиски стабилна и развојно ориентирана општина, рече Трајковски.
Со ваквото темпо, Делчево како што додаде покажува дека локалната самоуправа може да биде пример како финансиската дисциплина и рационалното управување со јавните средства директно се претвораат во подобар квалитет на живот за граѓаните. вс/вг/
фото: општина Делчево