• сабота, 23 ноември 2024

Трајанов: Како држава да бидеме претпазливи, посебно службите за безбедност, со цел да се превенираат можни настани како во Израел

Трајанов: Како држава да бидеме претпазливи, посебно службите за безбедност, со цел да се превенираат можни настани како во Израел

Скопје, 14 октомври 2023 (МИА) - Како држава треба да бидеме многу внимателни и претпазливи, посебно службите за безбедност, за разузнување и контраразузнување, да бидат во мобилна состојба, да соработуваат со странските разузнувачки служби, со цел да се превенираат евентуални такви можни настани. Не верувам дека во таков карактер и обем може да се случат настани како во Израел со нападот од Хамас, изјави лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вечерва во вестите на Сител телевизија, одговарајќи на прашањето дали има опасност во земјава од такви акции од страна на исламски радикали.

Во однос на нашиот став како држава, Трајанов вели дека како партија морало да повикаат на јасен став и за осуда на такво, како што рече, крваво насилство. 

-  Државниот врв тој ден беше заспан или се криеја како глувци. Мораше како партија да реагираме, да ги повикаме дека треба да имаат јасен став. Такви настани мора секоја држава да ги осуди, бидејќи такво крвавото насилство е за осуда, рече Трајанов, додавајќи дека како партија исто така реагирале бидејќи, како што вели, бавно одело извлекувањето на нашите граѓани од Израел.

- Добро е што државата се вклучи. Ставот е согласно НАТО и ставот на САД. Сите се веќе мобилизирани, стравуваат од можни вакви настани, од крваво сценарио и ние како држава, како членка на НАТО мора да бидеме крајно внимателни и претпазливи и да се мобилизираат сите капацитети, порача Трајанов во вестите на ТВ Сител.

Според него, службите за безбедност мора да превенираат, да соработуваат и да бидат во комуникација со службите на НАТО.

- Одговорноста е голема. Во една ваква ситуација нашиот систем за следење на комуникациите нема кој да го раководи. Во овие ситуации, се користат сите можни системи за превенирање за да не дојде до тоа. Треба да се направи се, прво преку медиумите, партиите, верските заедници да делуваме на одвраќање на вакви активности, посочи лидерот на ДС за опасноста од верски екстремизам и лицата што биле дел од боиштата како дел од странска парамилитарна војска.

За Законот за амнестија, вели дека не прави селекција за одреден дел на кривични дела.

-Тој нема проценка кои се лицата и за кого важи. Но сепак, законот нема да помине во Собрание. Опозицијата најавува дека ќе го блокира и ќе следат голем број амандмани, рече меѓу другото Трајанов. цр/

Фото:МИА архива

Остани поврзан