Трајановски задоволен од реконструцијата на мостот на Вардар кај Башино Село
Велес, 22 мај 2025 (МИА) – Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски кој вчера и денеска е на увид на изведбата на градежните работи за реконструкција на мостот на Башино Село на западниот влез во Велес, изјави дека е задоволен од тоа како се одвиваат работите на санација овој мост и очекува работите да завршат согласно предвидениот рок од 21 до 25 јуни годинава.
Тој информира дека во тек е изработка на проектот за изградба на нов мост на Вардар кај Речани на влезот во Велес, а на 50- тина метри подолу од постоечкиот, а ако сите процедури завршат на крајот на јуни ќе се распише тендер за неговата изградба. Трајановски најави и дека се планира наскоро да се изгради и обиколница околу Велес со што би се растеретил сообраќајот во градот посебно за жителите од Општина Чашка и приградските населби а кои сега се одвива низ градот.
Тој денеска заедно со градоначалникот Марко Колев и пратениците, деканот на Градежниот факултет Горан Марковски и претставници на фирмата „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ Скопје, направи детален увид на градежните работи на мостот кои се одвиваат од долната страна каде што се столбовите и гредите, кои се зајакнуваат со арматура.
Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, потенцира дека покрај сите зголемени мерки за безбедност на мостот тие како градежни стручњаци по првпат во Македонија поставиле траен 24 часовен мониторинг на мостот. Тој појасни дека неговите колеги од своите кабинети 24 часа го следат секое движење на мостот, со што е исклучена секоја опасност по мостот. Потенцира дека безбедноста во фаза на реконструкција на мостот е зголемена и дека со мониторингот на мостот ќе се продолжи и понатаму по завршување на неговата реконструкција.

Марковски оцени дека со реконструкцијата овој мост ќе трае повеќе од 10 години, но тука ќе биде и изградбата на нов мост со кој ќе го растерети сообраќајот на постоечкиот мост.
Директорот на ЈПДП Коце Трајановски, потсети дека на овој мост стар 54 години досега не се направила никаква санација,на овој важен мост на западниот влез во Велес, а поради што бил доведен во ваква катастрофална состојба која тие сега ја реконструираат,
-Главната причина поради која настанало оштетување на мостот е водата која протекувала од горниот слој на столбовите и на гредите на мостот и со годините била оштетена таа хидроизолација на мостот и биле оштетени и гредите и столбовите на мостот. Главните работи се изведуваат на гредите и столбовите. Гредите се армираат и се појачуваат а воедно и столбовите со карбонска мрежа.И тие ќе имаат челична конструкција којашто ќе ги врзе столбовите едни со други, што е одлично решение на стручњаците од Градежниот факултет, потенцира Трајановски.
Информира дека по завршување на санацијата, мостот ќе биде пуштен за сообраќај во двете насоки. Додаде дека моментално тие прават санација само на долниот дел на мостот, а потоа треба да се санира и горната површина на мостот и на крај да се асфалтира, а воедно да се реконструираат целосно и пешачките патеки на мостот.
Кажа дека по сите процедури се плаира кон крајот на јуни да го објават тендерот за изградба на Нов мост на Вардар во Речени, а кој трае 60 дена и очекуваат некаде во септември годинава да изберат изведувач кој ќе почне со изградбата на нов мост на Вардар во близина на постоечкиот, а со што и трајно ќе го решат проблемот на Општина Велес .
Градоначалникот Марко Колев истакна голема благодарност до ЈПДП за реконструкцијата на овој мост кој е во тешка состојба повеќе од 15 години,а кој се реконструира со подршка токму на оваа Влада и премиерот Христијан Мицковски и вицепремиерот Александар Николовски. Воедно се заблагодари и на деканот и градежните стручњаци од Градежниот факултет во Скопје,кој брзо интервенирале заедно со министерот за ватрешни работи за поскоро решавање на проблемот со цел да се спречи трагедија на мостот.
Инаку од почетокот март годинава сообраќајот на мостот на Вардар кај Башино Село на влезот на еден од влезовите во Велес е регулиран со семафор од двете страни наизменично,по средната лента на мостот која е најбезбедна,додека долу се одвиваат градежните работи. Воедно на мостот е забрането движење на камиони потешки од 40 тони, а тоа се регулира со мониторингот, а и во соработка со екипи на СВР Велес,кои вршат редпвни контроли на сообраќајот на мостот.ад/
Фото: МИА