• петок, 05 декември 2025

Трамп ќе го прими катарскиот премиер во неговиот голф-центар

Трамп ќе го прими катарскиот премиер во неговиот голф-центар

Њујорк, 12 септември 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ќе го угости катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани во неговиот голф-центар во Бедминстер, североисточен Њу Џерси, соопшти Белата куќа.

Средбата доаѓа три дена откако Израел ги нападна лидерите на палестинското исламистичко движење Хамас, кои се состанаа во станбен комплекс во Доха, главниот град на Катар.

Израел ги налути многу сојузници откако го нападна главниот град на Катар, посредникот во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.

Трамп дури и упати ретка критика кон Израел, неговиот сојузник, велејќи дека е „многу незадоволен“ од израелските напади.

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ќе присуствува на вечерата меѓу американскиот претседател и катарскиот премиер.

Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани, претходно оваа недела изјави дека се надева дека неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху ќе биде „изведен пред лицето на правдата“, верувајќи дека нападот „убил секаква надеж“ за ослободување на заложниците во Газа.

Државниот секретар Марко Рубио разговараше со катарскиот лидер претходно во текот на денот.

Рубио ќе отпатува во Израел во текот на викендот за да ја пренесе поддршката на САД пред претстојното признавање на палестинска држава од страна на неколку земји, вклучително и Франција, на претстојната сесија на Генералното собрание на ОН.

Рубио ќе им ја нагласи на израелските лидери посветеноста на САД во борбата против антиизраелските мерки, вклучително и едностраното признавање на палестинска држава, кои „го наградуваат тероризмот на Хамас“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот. мс/

фото: ЕПА

Тагови

Остани поврзан