• недела, 22 декември 2024

Трамп ја обвини реториката на Бајден и Харис за наводниот нов обид за атентат

Трамп ја обвини реториката на Бајден и Харис за наводниот нов обид за атентат

Вашингтон, 17 септември 2024 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја обвини реториката на американскиот претседател Џозеф Бајден и потпретседателката, демократската претседателска кандидатка Камала Харис, за наводниот нов обид за негово убиство.

-Нивната реторика ги тера да пукаат во мене, кога јас сум тој што ќе ја спаси земјата, а тие се оние кои ја уништуваат земјата, изјави Трамп за Фокс њуз, пренесе агенцијата.

„Поради тој наратив на комунистичката левица, куршумите летаат и само ќе се влоши“, рече Трамп доцна синоќа на својата социјална мрежа „Вистина“.

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека го осудува политичкото насилство.

-Отсекогаш сум го осудувал политичкото насилство. Секогаш ќе го осудувам, рече Бајден.

Уапсениот осомничен во истрагата за наводниот обид за атентат на Доналд Трамп „воопшто не пукал“, соопштија вчера претставници на Тајната служба.

Осомничениот кој беше уапсен во неделата доби кривична пријава за недозволено држење на оружје и поседување оружје со избришан сериски број, пренесе Бета. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан