• недела, 22 декември 2024

Трамп доминира меѓу републиканските кандидати кои денеска ќе се обидат да добијат поддршка во Њу Хемпшир

Трамп доминира меѓу републиканските кандидати кои денеска ќе се обидат да добијат поддршка во Њу Хемпшир

Вашингтон, 16 јануари 2024 (МИА) - Републиканските кандидати кои се обидуваат да го спречат Доналд Трамп да ја добие партиската номинација за трка за Белата куќа одат денеска кон Њу Хемпшир, откако поранешниот претседател постигна рекордна победа во Ајова.

Трамп освои повеќе од половина од гласовите на внатрепартиските избори во Ајова вчера, што му даде силен ветар за изборната трка со демократскиот претседател Џо Бајден, која според сите проценки ќе биде тесна и жестока. Двајцата ривали поддржуваат драматично различни политики за низа клучни прашања, од односите со сојузниците во НАТО до економската и даночната политика, правата за абортус и имиграцијата.

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис (45) во Ајова беше на второто место, на трето место - поранешната американска амбасадорка во ОН Ники Хејли (51). 77-годишниот Трамп освоил 51 отсто од гласовите во Ајова, ДеСантис 21 отсто, а Хејли 19 отсто, по преброени 99 отсто од гласовите, според Едисон Рисрч.

Хејли, која претходно изјави дека гласачите во Њу Хемпшир можат да го „поправат“ резултатот од Ајова, е на второто место во анкетите во таа држава, зад Трамп, а ДеСантис е далеку зад нив.

Прелиминарните избори во Њу Хемпшир се „полуотворени“, што значи дека гласачите кои не се регистрирани во ниту една партија можат да учествуваат, што може да биде од корист за кандидатите кои се сметаат за центристи. Сакајќи да профитира од тоа, Хејли води силна кампања во Њу Хемпшир, додека ДеСантис се обложи на Ајова.

Хејли денеска ќе одржи митинг во северниот дел на Њу Хемпшир со гувернерот Крис Сунуну, кој ја поддржа. ДеСантис треба да одржи митинг во градското собрание, а Трамп ќе им се обрати на поддржувачите во кантри клуб во југоисточниот дел на државата.

Трамп има огромно водство во националните истражувања на јавното мислење и се чини засега дека неговата номинација за републикански претседателски кандидат не е доведена во прашање.

Бизнисменот Вивек Рамасвами се повлече од трката откако вчера во Ајова доби само 8 отсто од гласовите и го поддржа Трамп. ссм/

фото: архива

Остани поврзан