• сабота, 23 ноември 2024

Традиционално одбележување на Благовештение во тетовски Јелошник

Традиционално одбележување на Благовештение во тетовски Јелошник

Тетово, 7 април 2024 (МИА) -  Традиционален начин на одбележување на Благовештение (Благоец)  денес имаше во шарпланинското село Јелошник. Празнувањето започнува со водосвет и прережување на славските лебови во црквата „Света Богородица“.

Верниците потоа тргнуваат од пред селската црква и се упатуваат кон месноста Благовештение-Црквиче, на еден час одење пеш низ шумата каде се одржува главниот народен обичај на прославување на овој празник.

Во месноста постои и манастирска црква, изградена во карпа каде верниците палат свеќи за здравје, а се послужува леб, сол, кромид и вино, што ја претставува посебната традиција на одбележување.

-Традицијата е востановена така што на овој празник испосник, руски монах, кој престојувал во црквата од мештаните барал да му донесат само посно јадење, поточно леб, кромид и сол. Кога мештаните ќе дошле до црквата, монахот ги благословувал нив и јадењето. По кусата посета и закуска луѓето заминувале. Затоа е обичајот да се дојде до тука и да се јаде посна закуска и да се вратиме назад во селото, изјави Марјан Мицевски од црковниот одбор.

На крај, сите што го поминале патот по враќањето во селото, три пати ја обиколуваат црквата „Света Богородица“ во Јелошник.

Голем дел од куќите во Јелошник денешниот празник го чествуваат како домашна слава. ас/хс/

Фото: Црковен одбор Јелошник

 

Остани поврзан