• сабота, 23 ноември 2024

Традиционално одбележување на Благовештение во тетовски Јелошник

Традиционално одбележување на Благовештение во тетовски Јелошник

Тетово, 7 април 2023 (МИА) - Традиционален начин на одбележување на Благовештение (Благоец) денескa имаше во шарпланинското село ЈелошникПразнувањето започнува со богослужба и осветување на вода и славските лебови во црквата Света Богородица. Верниците потоа тргнуваат од пред селската црква и се упатуваат кон месноста Благовештение, на еден час одење пеш низ шумата, каде се одржува главниот народен обичај на прославување на овој празник.

Во месноста постои и манастирска црква, изградена во карпа каде верниците палат свеќи за здравје, а се послужува леб, сол, кромид и вино, што ја претставува посебната традиција на одбележување.

- Традицијата е востановена така што на овој празник испосник, руски монах, кој престојувал во црквата од мештаните барал да му донесат само посно јадење, поточно леб, кромид и сол. Кога ќе мештаните ќе дошле до црквата монахот ги благословувал нив и јадењето. По кусата посета и закуска луѓето заминувале. Затоа е обичајот да се дојде до тука и да се јаде посна закуска, изјави Марјан Мицевски од црковниот одбор.

На крај, сите што го поминале патот по враќањето во селото три пати ја обиколуваат црквата Света Богородица во Јелошник. Голем дел од куќите во Јелошник денешниот празник го честуваат како домашна слава.

По повод големиот православен празник Благовештение во соборниот  храм Свети Свети Кирил и Методиј митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи архирејска литургија. ас/цр

Фото: Црковен одбор Јелошник

Остани поврзан