• вторник, 23 јули 2024

ТППЕ Старо Нагоричане лани регистрира 80 пожари на отворено, двојно повеќе од претходната година

ТППЕ Старо Нагоричане лани регистрира 80 пожари на отворено, двојно повеќе од претходната година

Куманово, 22 јануари 2024 (МИА) - Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане лани интервенирала на 80 пожари на отворен простор, информираа денеска надлежните од единицата. Пожарникарите од Старо Нагоричане гаселе пожари на девет објекти, по шест технички интервенции и гасење на пожари на „диви депонии“.

- Речиси двојно повеќе пожари имаше лани во однос на 2022, особено на пожарите на отворен простор кога изнесуваа 48. Во неколку наврати баравме помош и од ТППЕ Куманово, од Ранковце како и од Центарот за управување со кризи. На пожари на отворено интервенираа и полициски хеликоптери, изјави командир на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Старо Нагоричане е мала општина по број на жители, но е распространета на поголема површина. Пожарникарите велат дека за нив е предизвик да се стигне од една локација на друга особено на повисоките планински места.

- Некогаш имаме пожари оддалечени 40-тина километри, не е толку големо растојание, но тоа се планински патишта и бараме помош од колегите од ЦУК, Дирекција за заштита и спасување, кои секогаш се волни да ни помогнат, вели Трајковски.

Пожарите на отворено се закануваат да ја уништат вековната шума на неколку локации во Старо Нагоричане. Општината е  е привлечна за домашните и странските туристи кои често се движат на подрачјето на општината, посетувајќи манатири, локалитети, знаменитости, природни реткости, особено во летниот период.

- Апелираме, полицијата е тука помага и повикува граѓаните внимателно да се однесуваат. Една цигара може да предизвика сериозни последици, вели Трајковски.

ТППЕ Старо Нагоричане има девет пожарникари. Лани, пожарникарите добија заштитни одела за шумски пожари, чизми, летна опрема, 15 грбни прскалки за гасење на шумски пожари, ракавици, противпожарни црева и моторна пила. ам/цр


Фото: МИА архива

Остани поврзан