• четврток, 21 ноември 2024

Тошковски во посета на Секторот за меѓународна полициска соработка

Тошковски во посета на Секторот за меѓународна полициска соработка

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) – Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посетиl Секторот за меѓународна полициска соработка при Бирото за јавна безбедност каде одржа состанок со раководството, соопшти Министерството за внатрешни работи.

- Во рамки на овој Сектор функционираат Одделението за потраги, Одделението за НЦБ - Интерпол Скопје и Одделението за Европол. Согласно надлежноста која ја имаат во делот на меѓународната полициска соработка може да се каже дека овој Сектор е лицето на Министерството за внатрешни работи и државата во странство и од тие причини потребно е во иднина да се продолжи со инвестирање во градење на квалитетен кадар кои ќе ги поседува сите неопходни квалификации потребни за квалитетно и професионално работење, истакнал Тошковски.

Според Тошковски, овој Сектор има сериозна улога и во иднина треба да се направи реструктуирање во организациската структура во Бирото за јавна безбедност со цел да се изгради поефикасен и поквалитетен систем за потраги.

- Што се однесува до Одделенијата за НЦБ - Интерпол Скопје и Европол се забележуваат добри резултати особено во делот на размена на информации со други држави и учество во меѓународни проекти. Во тој контекст е и одржувањето на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ која минатата година се одржа во Охрид. Исто така, во континуитет се надградува и унапредува пристапот до сервисите, базите и алатките на Интерпол и Европол со што се придонесува кон зајакнување на капацитетите на МВР за борба против оние облици на криминал кои имаат меѓународен карактер, нагласил Тошковски. вј/бак/

Фото: МВР

 

Остани поврзан