• недела, 22 декември 2024

Тома Тана: Македониумот во Крушево се одржува, ама за целосно реновирање треба и странска помош

Тома Тана: Македониумот во Крушево се одржува, ама за целосно реновирање треба и странска помош

Крушево, 15 јули 2023 (МИА) - Најголемиот симбол на Илинден, Македониумот во Крушево се одржува, но за целосна обнова потребна е и странска помош, посебно во изработка на целосен проект, зашто споменикот е комплексна целина, вели директорот на Историски музеј-Крушево, Тома Тана.

Како што информира директорот Тана, внатре е молерисано, хортикултурно се одржува и се спроведуваат сите активности, но, големите активности, според него, зависат од Завод и музеј од Прилеп и од Министерството за култура. 

- Во овој период немаме проблем со протекување во Македониумот. Најголемиот проблем ни се случува во пролет и есен кога протекуваат и витражите и железната конструкција. За да се надмине овој проблем, во координација со Завод и музеј од Прилеп, а и со Министерството за култура, континуирано се работи на проект. Објектот е  голем, комплексен и не може лесно да се изработи проектот за да најдеме решение кое ќе биде комлетно за да се одржува и да се реновира целиот објект, вели тој.

Тана појаснува дека во разговорите со Завод и музеј и со Министерството за култура воочиле дека ова е комплексен објект и ќе мора да се бара странска помош и за изработката и за реализацијата на проектот за сите фази.

Од прилепскиот Завод и музеј велат дека  во фаза на изработка е проект за уредување на партерната целина пред споменикот и спомениците во близината.

- Во соработка со Музејот на Крушево ја санираме сета штета што настанувала од елементарните непогоди. Годинава комплетно е реконструиран подот на Македониумот, внатре е варосано и целосно е исчистено и се работи на мала санација на витражите кои, мислам дека се во фаза на проектна документација и сето тоа за брзо време ќе го завршиме и да покажеме со какво богатство располагаме, велат оттаму.

Покрај за партерната целина пред споменикот Илинден, дополнува, во фаза на изработка еи проект за музеите и спомениците во близината.

- Споменикот за Тоше Проески, гробниот комплекс на Гумење. Таа парковна целина да ја уредиме. Моментално сме во реализација и мислам дека за брзо време ќе биде готов проектот. Значи, в година ќе работиме на партерното уредување на целиот тој простор, вели Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј од Прилеп.

Споменичниот комплекс „Илинден“ е во три фази.

- Треба помош и за втората фаза. Другите делови не се оштетени како што се прангите во првиот дел. За санација е влезен и вториот дел на споменичниот комплекс, вели Тома Тана.

Следната година Македониумот ќе одбележи50 години од отворањето, воедно и на целиот споменичен комплекс „Илинден“, а годинава се навршуваат 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република. ем/ар/

Фото: МИА

Остани поврзан