Тод: Ф1 тимовите мора сериозно да ги намалат буџетите
- Девет трки од сезоната 2020 се одложени или откажани, а заради глобалната пандемија на коронавирус, новата сезона нема да започне порано од крајот на јуни.
Цирих, 9 април 2020 (МИА) - Претседателот на Меѓународната автомобилстичка федерација (ФИА) Жан Тод ја предупреди Формула 1 дека организацијата се соочува со нови реалности и ќе треба да направи повеќе намалувања на буџетот. Девет трки од сезоната 2020 се одложени или откажани, а заради глобалната пандемија на коронавирус, новата сезона нема да започне порано од крајот на јуни.
- Сигурен сум дека многу тимови, добавувачи и производители ќе треба да ги преразгледаат своите програми. Некои од нив можеби ќе треба да сопрат. Не сакам да звучам претерано песимистично, но се надевам дека сопствениците на некои од тимовите и нивните спонзори ќе го задржат истото ниво на мотивација. Нема да тераме некој да брза. Ќе ја продолжиме сезоната само кога ризикот за луѓето ќебиде намален на нула, додаде Французинот.
Екипите на Формула 1 се согласија да ги намалат буџетите за 2021 година од 175 милиони на 150 милиони американски долари, а ФИА најверојатно ќе побара пад на границата трошоците до 100 или 125 милиони долари од тим.
- Мора да бидеме решителни во овие барања, затоа што тие ќе сретнат отпор. Меѓутоа, ако не се прифатат, ние го загрозуваме постоењето на нашиот омилен спорт, заврши Жан Тод.