• среда, 25 март 2026

Тиквешани со подигање на децата на куќниот праг го одбележуваат денешниот празник Игнатовден 

Тиквешани со подигање на децата на куќниот праг го одбележуваат денешниот празник Игнатовден 

Кавадарци, 2 јануари 2026 (МИА) - Внимавајте, денес е празникот Игнатовден, или, како што е познат во Тиквешијата, Игнат подигнат, велат жители на Тиквешко за МИА. Тие појаснуваат дека во Тиквешијата се верува дека тоа што ќе го правите денеска, ќе го правите целата година. Затоа многумина од нив, како што самите кажуваат, прават низа добри и корисни работи, за исти такви работи да им се случуваат во наредните денови од 2026 година. 

На овој ден, родителите ги подигнуваат своите деца на куќниот праг за да раснат здрави и среќни.

Меѓу нив е и семејството на Викторија и Златко Димови. Тие  секоја година ја почитуваат оваа непишана традиција. Родители се на три деца. 

- Традицијата е тивката сила што го држи семејството заедно. Родителите ја пренесоа на нас, ние ја негуваме со љубов, а на нашите деца им ја оставаме како светлина за патот што допрва ќе го одат. Во тие мали обичаи живее големата вредност, дом исполнет со топлина, љубов и мир. Ние сме чувари на доблестите, примерот што ќе го носат во срцето засекогаш. Денес е Игна, ден кога вербата е посилна од зборот, а надежта чекори преку прагот. Денес децата се подигаат на праг со чисто срце и искрено верување - да пораснат поголеми, подобри, посилни, во луѓе со душа. Нека домот ни биде благословен, а традицијата вечна, велат Димови. 

Така е отсекогаш, адетот се пренесува од дедовци на внуци. 

- Освен што традиционално се собира семејството на овие новогодишни празници, подигнувањето на децата на куќниот праг е и своевидна забава за сите, велат тие .

Според свештени лица од МПЦ-ОА Кавадарци, кои ги консултираше МИА, Игнатовден е христијански празник кој  претставува еден од поголемите празници, проследуван со многу обичаи и суеверија. свд/бак/


Фото: Приватна архива на Димови 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан