Тешка криза во шведските воздухопловни сили
- На Шведското воздухопловство им се заканува тешка кадровска криза која, во пресрет на очекуваниот пристап во НАТО и напнатата безбедносна ситуација во Европа, може да доведе до тоа да не може

20 јули 2022
На Шведското воздухопловство им се заканува тешка кадровска криза која, во пресрет на очекуваниот пристап во НАТО и напнатата безбедносна ситуација во Европа, може да доведе до тоа да не може да ги исполни своите задачи. Имено, командантот на воздухопловните сили, генерал-мајор Карл-Јохан Едстром, пред неколку дена призна дека речиси половина од воените пилоти неодамна најавиле заминување од воената служба.
„Ние сме во неизвесна ситуација“
„Ние сме во неизвесна ситуација, практично во криза. Не мислам на надворешната безбедносна ситуација, туку на нашиот персонал, пилотите кои бараат отсуство или оставка“, напиша Едстром во блог на веб-страницата на шведските вооружени сили.
Причините за ваквата состојба се навраќаат во 2016 година, кога со промена на колективниот договор преку ноќ беше зголемена возраста за пензионирање на сите пилоти родени 1988 година и подоцна од 55 на 67 години.
Имајќи предвид дека борбениот авион е многу стресно работно опкружување кое брзо го троши и несразмерно го оптоварува човечкото тело, прашањето е каква смисла има да се задржат 60-годишниците во воздухопловните сили, смета Пер-Мартин Стерневи, претседател на Интересна организација на пилоти во вооружените сили, еден вид синдикат на воените пилоти.
„Ситуацијата стана неподнослива минатиот декември“
„Ситуацијата стана неподнослива во декември 2021 година, кога вооружените сили конечно објавија дека нема да преземат ништо по прашањето за старосната граница за пензионирање. Верувавме дека вооружените сили ќе одговорат на нашите барања, но немаше слух за пилотит“, рече Стерневи за Dagens Nyheter.
Влошувањето на условите за работа на пилотите започнаа уште во 1999 година, кога им беше ускратена лиценцата за цивилно воздухопловство, односно образованието за пилоти важеше само во одбранбениот систем. Дополнително, почетната нето плата на обучен пилот на борбен авион не е променета повеќе од 20 години и беше зголемена само на околу 3.000 евра минатата година.
„Загрижени сме“
„Загрижени сме. Инвестираме многу во пилотите и нивната обука. Обуката за борбени пилоти е најскапа во целиот систем. Возраста за пензионирање е зголемена без никакви преодни правила. Можам да разберам дека не се задоволни од тоа. Се надевам ќе го решиме ова наесен“, изјави Едстром за „Свенска дагбладет“.
Во споменатиот блог, Едстром презентираше шест иницијативи, вредни околу 60 милиони евра, кои ќе го подобрат статусот на пилотите во следните десет години. Но, истовремено нагласи дека нема мандат да навлегува во буџетот на воздухопловните сили.
„Тие се разочарани и лути“
„Пилотите се разочарани и лути. Она што им се нуди се само трошки. Ова само доведе до уште поголемо незадоволство. Сега има уште повеќе поединци кои сакаат да ја напуштат службата“, вели Стерневи, кој и самиот помина седум години во пилотската кабина Грипен.
Обуката на пилоти во шведските вооружени сили трае околу шест години пред пилотите да можат да извршуваат борбени мисии и чини околу 15 милиони евра. Грипените со кои работат се во вредност од една милијарда евра. Бројот на активни борбени пилоти во шведското воздухопловство е воена тајна, но се проценува дека ги има стотина.
„Се вработив во 2015 година со идеја дека можам да се пензионирам на 55 години. Меѓутоа, една година подоцна беше сменета старосната граница за оние родени во 1988 година или подоцна. Многу пилоти на моја возраст се вработени под одредени услови кои оттогаш се променети. Поради ова не вреди да се остане во војска“, изјави еден анонимен пилот за Шведската национална телевизија (СВТ), додавајќи дека има намера да го продолжи своето образование и да ја промени професијата од есен, за време на неговото неплатено отсуство. паг/


