Техеран го повика холандскиот амбасадор во Иран на разговори
- Иранското Министерство за надворешни работи денеска го повика холандскиот амбасадор во Техеран на разговори, објавија иранските медиуми.
Техеран, 25 април 2025 (МИА) - Иранското Министерство за надворешни работи денеска го повика холандскиот амбасадор во Техеран на разговори, објавија иранските медиуми.
Овој потег на Техеран дојде еден ден откако Холандија изрази протест до иранскиот амбасадор поради сомневањата дека Иран стои зад двата обиди за атентат во Холандија и Шпанија.
Претставник на иранското Министерство за надворешни работи го опиша холандското обвинување како „смешно“ и засновано на „сомневања или претпоставки“. „Жално е што холандскиот дипломатски апарат дејствува толку лесно врз основа на шпекулации всадени од неговите безбедносни агенции и ционистичкиот режим (Израел), па дури и го повикува иранскиот амбасадор поради таква апсурдна измислица, изјави иранскиот функционер.
Холандија го повика амбасадорот на Иран откако холандското разузнавање во својот годишен извештај објавен вчера соопшти дека Иран веројатно стои зад двата обиди за атентат во Холандија и Шпанија.
Во извештајот се наведува дека во јуни 2024 година, двајца мажи биле уапсени во холандскиот град Харлем откако се обиделе да убијат ирански жител на земјата. Се верува дека еден од осомничените стои и зад неуспешниот обид за атентат врз шпанскиот политичар и критичар на Иран, Алехо Видал-Квадрас, во Мадрид во ноември 2023 година. мс/
фото: МИА архива