• понеделник, 06 мај 2024

Тетовски легенди-Иљко Мустак за десет години од 1953 до 1963 година направил околу 300 скокови со падобран

Тетовски легенди-Иљко Мустак за десет години од 1953 до 1963 година направил околу 300 скокови со падобран

Тетово, 19 август 2023 (МИА) - Фотографии и документи од пред повеќе децении кои се чуваат во тетовските домови, ни доловуваат како во минатото се живеело во Тетово, што било интересно или карактеристично. На овој начин дознаваме за Илија Миловановски (1937-2019) познат како Иљко Мустак, кој за десет години, од 1953 до 1963 година направил околу 300 скокови со падобран. Тоа можел да го прави затоа што пред повеќе декади во градот постоел Аероклуб Тетово, а дел од скоковите ги извршил и додека го служел воениот рок во Југословенската Народна Армија (ЈНА).

Внукот Илија Ристоски (роден 1988 година) ги нашол и ги чува десетиците фотографии, членски книшки, документи и други сведоштва за овој невообичаен животен стил на неговиот дедо Иљко Мустак. Во тоа време, во многу места и низ Македонија, особено низ Југославија, се организирале натпревари во кои падобранците од авиони скокале со цел да се спуштат на одредена цел на земја.

Заедно внимателно ги разгледавме големиот број лични падобрански книшки, фотографии, исечоци од весници, награди и значки. Личната падобранска книшка на Илија Миловановски не враќа во 1953 година. Тогаш е евидентиран неговиот прв падобрански скок, поточно на 31 јули 1953 година во Тетово. Според поставениот печат, на тогаш 16 годишниот Илија, негови наставници и ментори биле од Воздухопловната школа Скопје и Аероклубот Скопје, кои немале никаква забелешка за неговиот извршен падобрански скок и го оцениле со 5. Скокал со падобран тип ПШ 01, од авион тип ПО2.

Првата книшка ни покажува дека од 31 јули 1953 до 1 ноември 1959 година имал вкупно 104 скокови. Во останатите три книшки се евидентирани и преостанатите скокови, а има и една книшка од ЈНА. Во другите книшки се евидентирани и скоковите, што се реализирани и евидентирани со печат на Аероклуб Тетово, а во сите стојат датуми, места на извршување на скокот, висина од која се спуштил, тип на авион вид на задача или цел која му е поставена. Меѓу задачите бележиме-ноќни скокови, скок во вода, скок на аеромитинг, слободна цел и слично.

- Во војска бил десетар, а во ЈНА од 6 јуни 1961 до 5 февруари 1963 извршил 35 скокови. Од книшките и исечоци од весници има запис за поставени рекорди во Социјалистичка Република Македонија, односно републички рекорд во 1955 во Скопје во дисциплина „Групен скок“ при што е постигнат резултат од 3100 метри. Во 1959 година бележи и два државни југословенски рекорди. Во Куманово во дисциплината „Групно скокање ноќе“ поставува рекорд од 1301 метар и во дисциплина „Групна цел 1500“ скокнал од само 985 метри и освојува државен машки рекорд. Исто така државни југословенски рекорди има во 1960 во Вршац во дисциплината „1500 метри со задршка“ поставува рекорд од 2105 метри и во „Групен скок“ освојува рекорд од 848 метри. Тука има податоци од тоа каков тип на падобрани се користени – ПШ 01, ПДИ 01, ПИТ2 и други. Скокал од авиони како ЈУ 52 (Јункерс 52 германски авион со 3 мотори, Поликарпов По-2 (советски двокрилен авион), објаснува внукот Илија Ристоски.

За подвизите на Илија Миловановски ни посведочи и Јован Дамјановски, универзитетски професор и писател, кој во тој период бил млад новинар. Дамјановски во текот на новинарската кариера два пати пишувал за достигнувањата на Иљко Мустак и неговите околу 300 падобрански скокови, но и за моделарството, воздухопловно едриличарство, како и за развојот на народната техника. Текстовите на Дамјановски за Миловановски се објавени во весниците Нова Македонија, Трудбеник, Полог.

- Тој беше југословенски пример и затоа комотно можеме да го наречеме легенда на Тетово. Ниту во Тетово, ниту во Македонија немаше човек со повеќе падобрански скокови од Илија Миловановски. Овие податоци за Илија се од огромно историско и општествено значење. Тој остварил 300 падобрански скокови во време кога техниката и безбедноста на падобраните биле далеку пониски од сегашното ниво. Голем и значаен е примерот на Илија Миловановски, не само за воздухопловството и падобранството, туку и за начинот на ширењето на техничката култура меѓу младите луѓе. Тој беше еден од главните активисти и организатори во народна техника заедно со Мане Илиевски и Саво Трајковски. Го ширеа знаењето за техничкото образование со цел младите да се запознаат во тоа време со техниката и воедно со иднината. Затоа тој навистина е една од тетовските легенди за препознавање на градот во минатото, вели Јован Дамјановски.

Понатаму Дамјановски се потсети дека двајцата биле од Поток маало, каде многу млади луѓе сакале да се дружат со Илија и другите од Народна техника да ја развиваат техниката и да се оспособуваат како луѓе и ќе остварат животна кариера.

- Беше еден многу пријатен и драг човек. Многу впечатлива личност. Еден пример за пример како човек којшто има навистина некои резултати од некоја област, не само со фалење, туку со пример. Имаше вистинска дарба и голема храброст во тоа време да се занимава со падобранство кога ниту авионите, ниту падобранската опрема беше како што се денес. Беше пример за препознавање на тетовскиот живот и луѓето кои оставиле печат и не треба да бидат заборавени, истакнува писателот Дамјановски.

Како член на Воздухопловниот сојуз на Македонија, бил евидентиран и како пилот-воздухопловен едриличар, со остварени 91 лет со времетраење од 9 часа и 13 минути, сите извршени во Битола, со тип на едрилица „Рода“.

Републичката конференција на Воздухопловниот сојуз на Македонија во 1986 година кога Илија имал 49 години му доделил Златна плакета за особен придонес во развојот и афирмацијата на сојузот.

Илија е од татко Димитрија Диме, а мајка Зујка. Имал браќа Томо, Тодор, Стеван и сестра Олга сите родени од 1935 до 1941 година. Учел столарско-занаетчиско училиште. Бил женет и имал три ќерки. Долги години работел и се пензионирал како работник во печатницата „Напредок“ во Тетово. Починал во април 2019 година.

Александар Самарџиев

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан