• петок, 22 ноември 2024

Тетовската библиотека доби рок од Владата за преместување, вработените и понатаму бараат посоодветни услови за работа

Тетовската библиотека доби рок од Владата за преместување, вработените и понатаму бараат посоодветни услови за работа

Тетово, 12 септември 2023 (МИА) - Во тетовската библиотека „Кочо Рацин“ пристигнале владините одлуки за нивно преместување во други простории на Центарот за култура, но вработените бараат заедно со Министерството за култура да се најде посоодветно решение. Вработените повторно јавно реагираат и алармираат за несоодветните услови за работи кои би ги имале соседните простории каде Владата им наложи да се преместат. 

-Ние не сме против да се преселиме, ама да бидат реални услови за библиотека. Ги замолувам од Министерството за култура да формираат комисија заедно со нас вработените, да ги видиме реалните ситуации и да се договориме што да правиме. Не само да брзаме. Ако почнеме, хипотетички зборам, да носиме книги и рафтови, таму едноставно нема да не собере и ќе останеме на улица. Само овде има над 90 илјади книги и над 50 илјади книги во пакети има во два магацини во Центар за култура. Се плашам дека и рафтовите нема да ги собере сите. Чим не ги собира рафтовите и книгите нема да ги собере, изјави Махи Муртезани, вработен во библиотека.

Вработените потсетуваат дека во соседните простории кои се исто во рамки на Центарот за култура имаа помалку квадратни метри. Наместо досегашните 156 квадратни метри добиваат нови простории кои досега се користеле како училници и со помала квадратура.

- На хартија имаме 148 квадрати, ама од тие 13 метри квадратни, се ходници и скали. Мала просторија која не може да се користи за ништо. Две простории се ниски. Нашите рафтови се 230, 230 и 250 сантиметри високи, а тие се со пониски тавани, како ќе има циркулација на воздухот, ќе се задушуваме таму. Таму се само две простории на приземен дел има некакви услови за работа ама треба да се рушат ѕидови. Со овие рафтови нема да не собере. Нема тоалет. Нема место за хигиенски производи. Не сме против да не преселат, доброволно ќе одиме но барем да ги имаме условите како овде додека да се направи библиотеката нова. Овде сме сите, сите вработени и магацин, и весници, и категоризација на книгите, на 158 квадрати функционираме сите оддели на библиотеката. Сега е лошо, ако почнуваме со преселување ќе биде хаос со читателите, почна учебна година, имаме над 5600 активни читатели, изјави Муртезани.

Одлуката на Владата за преместување е од 29 август, а имаат рок од 15 дена кој изминува.

Од Министерството за култура за проблематика веќе посочија дека во континуитет ги увидуваат потребите на националните установи кои се во негова надлежност, како што се Центарот за култура и библиотеката.

- Во соработка со нив, Министерството е насочено кон соодветно решавање на просторното прашање на Библиотеката. Можното дислоцирање ќе биде со исполнување на соодветни услови за нејзино функционирање, стои во одговорот од службата за односи со јавноста.

За надминување на просторните проблеми на библиотеката во Тетово постои трајно решение. Од 2014 година почна со изградба на нов објект каде треба да се сместат библиотеката и Тетовски театар. Од Министерството велат дека годинава за тој објект во нивниот буџет се обезбедени 116.979.000 денари.

- Времетраењето на изградбата на објектот наменет за театар и библиотека во Тетово е предвидена со динамиката за обезбедената согласност за повеќегодишна јавна набавка. Согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година. Во тек е изведба на градежни, градежно занатски работи и инсталатерски работи. Според доделениот договор и според продолжувањето на динамиката, објектот се очекува конечно да биде завршен и пуштен во употреба во 2027 година, информираат од Министерството за култура.

Тетовската библиотека дневна фреквенција од 300 до 500 читатели. ас/ев/

Фото МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан