• четврток, 26 март 2026

„Тетово сака парк“ со повик кандидатите за локални избори да се обврзат на 12 точки

„Тетово сака парк“ со повик кандидатите за локални избори да се обврзат на 12 точки

Тетово, 1 септември 2025 (МИА) - Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ побара од кандидите за локални избори да се обврзат на 12 точки во доменот на јавните политики. Тие велат дека овие 12 идеи за јавни политики ги иницираат со оглед на тоа дека политичките субјекти и кандидати изразиле интерес изминатиов период за работна средба, но тие како граѓанска иницијатива се воздржуваат од било каков контакт со било кој учесник во локалните избори.

-Граѓаните на Тетово уште еднаш се пред избори за членови на Советот и Градоначалник на Општината. Разочарани сме што секоја досегашна мала надеж за промена, на крај се сведува на обична замена. Бидејќи во изборниот период политичките субјекти и кандидатите слушаат, гледаат, сочувствуваат, размислуваат, прифаќаат, поддржуваат, а потоа си тераат бизнис, неработење, инает и партизирање, иницијативата „Тетово сака парк“ повикува секој кандидат и субјект во доменот на јавните политики да се обврзе на 12 точки, велат во сооштението.

Првата точка која ја предлагаат е да не се кандидира ниту еден досегашен советник кој гласал за измена на Деталните урбанистички планови за Монопол и ШИК „Јелак“ бидејќи овозможил пат на урбаната мафија, а на штета на градот. Истото да важи и за оние кои не гласале „за“, но не биле ниту против! Да се осуди досегашното распродавање на државно земјиште е дополнителна обврска за секој чесен кандидат,

Понатаму бараат кандидатите да ветат дека нема да се прифаќа крајно погрешното урбанистичко штелување, т.н. обединето менување на ГУП и ДУП со цел на одредена локација да се изградат згради.

-Да се даде јавна заложба за итно суспендирање на ДУП за УБ 31 (Монопол), со цел негово преработување и ублажување на штетните последици.Да се донесе одлука за урбанистичка намена Д – паркови и зеленило за УБ 57а (на местото на ШИК „Јелак“) и во ГУП и во ДУП. Да се донесе ДУП за просторот околу сливот на реката Пена од мостот кај АМСМ до границите на градот долж реката, се дел од барањата на „Тетово сака парк“

Тие сметаат дека треба да се врати Спортскиот центар на граѓаните, да се одземе концесијата со која просторот е заграден, а  да се изготви проект за формирање на вистинска парковска зона.

-Да се формира регистар на постоечки дрвја во градот. Да се преземе обврска за зголемување од минимум 20 % на вкупниот број на дрвја со нови садници секоја година.  Да се подигнат дрвореди од високи дрвја од автохтони локални видови (јавор, костен) во централното градско подрачје. Да се прифати заложба за формирање на нов парк „Пена“ долж речниот кеј на просторот помеѓу булеварите „Благоја Тоска“ и „Видое Смилевски-Бато“, се предлозите на граѓанската иницијатива.

На крај од нивните 12 заложби за кои бараат обрзување од страна на кандидите за локални избори,  воспоставување на летен сообраќаен режим на рекреативната зона „Бањиче“, со рестрикции за моторни возила од 17:00 до 21:00 часот како и летен сообраќаен режим и за новиот булеварски дел од ул. „Борис Кидрич“ со цел проширување на средишната пешачка зона.

Од политичките субјекти се бара да се вети изградба на велосипедски патеки во должина од најмалку 10 км до крајот на мандатот, какои да се формира градско надзорно тело за спроведување на мерките за подобрување на спортските, рекреативните и еколошките услови во градот, инклузивно со вклучени експерти, активисти и јавноста.ас/

Фото: Тетово сака парк 

Остани поврзан