• недела, 22 декември 2024

Теренска активност на СДСМ ВО Радовиш и Босилово: Ние сме на страната на граѓаните и државата

Теренска активност на СДСМ ВО Радовиш и Босилово: Ние сме на страната на граѓаните и државата

Скопје, 24 април 2023 (МИА) – Теренска активност на СДСМ „Рамо до рамо до победа“ денеска се одржа во ВО Радовиш и Босилово, на која присуствуваше и Оливер Спасовски.

Спасовски пред граѓаните во Радовиш истакна дека СДСМ е на страната на граѓаните, на страната на правдата и законите, и оцени дека ВМРО-ДПМНЕ е на страната на криминалот.

-Тоа се потврдува со денешната одлука на мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола, да им се доделат општински финансиски средства на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ осудени за насилството од „крвавиот четврток“, истакна тој.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ Никица Бачовски заедно со Благојче Трпески пред жителите на Босилово порачаа дека даваат поддршка на младите да се вклучат во земјоделството со сопствено земјоделско стопанство.

- Преку грантови од 10.000 и 20.000 евра даваме поддршка младите активно да се вклучат во земјоделството со сопствено земјоделско стопанство, а истовремено младите земјоделци се ослободени од надоместокот за закуп на државното земјоделско земјиште. За прв пат од оваа година обезбедивме и стипендии од по 18.000 денари месечно за период од девет месеци, за студентите на земјоделскиот, шумарскиот и ветеринарниот факултет. Сето тоа го правиме за да го зголемиме домашното производство но и да ги охрабриме младите, дека и од земјоделство може добро да се живее, истакна Бачовски.Караванот „Рамо до рамо до победа“ се одржа и во Струмица, каде пред граѓаните се обрати потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев, заедно со Роберт Бекировски.

Пред присутните Богоев говореше за реализацијата на мерки и политики на СДСМ во делот на земјоделството и економијата.

- Како никоја Влада до сега, ние вложуваме во земјоделството, во вистинските земјоделци. За прв пат воведовме нов модел на субвенционирање, но за прв пат воведовме и жените земјоделки за да можат да користат платено отсуство за мајчинство. Преку посебна програма, финансирана од буџетот на Платежната агенција, жените земјоделки кои ќе остварат право за користење финансиска поддршка за мајчинство, ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 81.000 денари. Сето тоа е наш придонес да ги мотивираме земјоделците, да произведуваат повеќе, порача Богоев.

Осврнувајќи се на работата на локалната власт, Богоев истакна дека  Струмица продолжува да се развива на секое поле.

Во општина Ново Село Филип Николовски истакна дека економските политики на СДСМ даваат резултат, дека се бележат рекордни странски инвестиции како онаа на „Јагео“ од 205 милиони евра, но и дека се унапредува кредитниот рејтинг на државата, што е доказ за успешното менаџирање со јавните финансии. свс/нд/

Фото: СДСМ

Остани поврзан