• петок, 22 ноември 2024

Тендерот за Клиничката болница Штип е подготвен, наесен ќе започнат градежните активности, најави Мицкоски

Тендерот за Клиничката болница Штип е подготвен, наесен ќе започнат градежните активности, најави Мицкоски

Штип, 24 јуни 2024 (МИА) – Тендерот за Клиничката болница Штип е подготвен и ќе биде завршен за два-три месеци, по што наесен ќе започнат градежните активности на самата болница, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски, кој во посета на штипската болница беше заедно со министерот за здравство Арбен Таравари, посочи дека изградбата на болницата, заедно со болницата во Кичево е заедничко ветување на Владата, и тие ќе имаат приоритет. 

- И двете болници фуриозно уште на самиот почеток ќе треба да отпочнат со градба. Тендерот е подготвен, се чека мислење од Министерството за финансии. На пат кон Скопје ќе разговарам со новата министерка за финансии, Димитриевска-Кочовска и овој процес да отпочне. Веднаш да го објавиме тендерот и во наредните два-три месеци да биде завршен и наесен да започнеме со градежни активности на самата болница, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиничката болница Штип.  

Клиничката болница Штип, според Мицкоски, стои како споменик на едно лошо време и една, како што рече, можеби најнеуспешна влада на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека иако изградбата требала да заврши за две-три години, за жал од 2017 година не е мрдната. 

- Мора да имаме брз и полетен старт за да покажеме и докажеме дека се она што го зборуваме ќе биде и на дело применето, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека вакви проекти треба да има секој ден „и во Тетово, во Кичево и во Охрид и во Битола, и насекаде низ Македонија“, затоа што, како што рече, само така ќе „покажеме дека гласот што повеќе од 600 илјади граѓани го дадоа за Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Вреди и ЗНАМ нуди надеж“.

Министерот за здравство Арбен Таравари, рече дека во заедничката владина програма стои дека ќе работат на регионализација на здравството, нагласувајќи дека една од битните клинички болници кои треба да бидат, е и болницата во Штип.

-  За жал од 2017 година, кога бев 100 дена министер не сум ја посетил, сега гледам дека ништо не е сменето и се надевам дека веќе има иницијатива да се објави повторно огласот и да се побара нова фирма. Само треба со Владата да се усогласиме и добиеме дозвола од Министерството за финансии. Се надевам дека многу брзо процедурата ќе може да се објави и да започнат повторно работите во Клиничката болница, изјави Таравари. 

Прашан дали е активирана банкарската гаранција и дали ќе има кривична пријава за претходниот извршител, Таравари рече дека таа е активирана минатата година. 

- Знам дека е активирана банкарската гаранција минатата година, и таа работа е завршена. За кривични пријави ќе треба да прашам, изјави Таравари.

За чинењето на изградбата и дали ќе има потреба од нови кредити, Таравари рече дека не знае точно колку тоа ќе чини, но дека навреме ќе биде известена јавноста. вдј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан