Телевизија Словенија: Голем корупциски скандал ја „тресе” Владата на Јанша
- Словенечката државна телевизија (ТВСЛО)објави документи, преписки и снимени телефонски разговори во кои според медиумот, се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како до
Љубљана, 24 април 2020 (МИА) - Словенечката државна телевизија (ТВСЛО)објави документи, преписки и снимени телефонски разговори во кои според медиумот, се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Во прилогот на Телевизија Словенија, која презентираше докази, се тврди дека набавката на опремата била без тендер односно со непосредна спогодба, а министерот и неговите најблиски соработниците избирале кој ќе го добие тендерот.
Според телевизијата со непосредна спогодба и интервенција на функционери од Владата на Јанша, договорено е 220 респиратори да бидат набавени од фирмата „Генепланет“, за кој државата платила 100 отсто аванс во вредност од осум милиони евра, што е за 3,5 пати поскапо од редовната пазарна цена за истите медицински помагала.
Според овие информации и покрај тоа што опремата била сто отсто платена, државата не добила ни половина од нарачката.
Од истата фирма според доказите на Телевизија Словенија се набавени и заштитни маски за словенечките доктори, а во договарањето на зделката директно бил замешан и директорот на полицијата.
Медиумите во Словенија информираат дека во сопственичката структура на фирмата „Генепланет“ имало роднини на блиските соработници на Јанша.
Одговорност и оставки по прилогот на Телевизија Словенија побараа повеќе политичари меѓу кои и поранешниот премиер Марјан Шарец и поранешниот претседател на Собранието Дејан Жидан, кој изјави дека оставка треба да си поднесе целата Влада на Јанша.
- Тоа не е одговорност само на еден министер. Тоа е начин на функционирање и одговорност на целата Влада. Поради ова ја повикувам целата Влада да си даде оставка, изјави Жидан.
Инаку, за министерот за економија Почивалшек уште вчера беше најавена интерпелација.
Во Словенија веќе е почната и истрага поради тоа што се констатирани измами при набавката на заштитни маски и медицинска опрема потребна во борбата против коронавирусот. Дел од нарачаните и платени маски никогаш не пристигнаа во земјата, а дел биле хартиени односно неупотребливи.
Пред неколку денови, сега веќе поранешниот директор на Заводот за стоковни резерви, кој е во изолација, бидејќи е заразен со коронавирусот, беше разрешен од Владата поради неправилностите при набавките на опремата, а тој со писмо одговори дека за сите склучени договори, било информирано и дало согласност токму Министерството за економија. ав/ми/