Тебас бара разумно објаснување или оставка од Лапорта
- Претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас, чека објаснување од Барселона во врска со скандалот поврзан со исплата на милионска сума на поранешниот потпретседател на судискиот комитет.
Мадрид, 21 февруари 2023 (МИА) – Претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас, чека објаснување од Барселона во врска со скандалот поврзан со исплата на милионска сума на поранешниот потпретседател на судискиот комитет.
Деновиве се појави информација дека каталонскиот клуб платил 1,4 милиони евра на Хозе Марија Енрикез Негреира, кој тогаш беше потпретседател на техничкиот судиски комитет, во периодот од 2016 до 2018 година. Клубот појасни дека службеник на Шпанската фудбалска федерација бил платен за извештаи за млади играчи и судење. Се дозна дека Барселона од 2003 година префрлила на Негреира 4,7 милиони евра. Трансферите од клубот сочинуваа 95% од прометот на неговата компанија од 2016 до 2018 година.
- Досега тие само изразија длабока загриженост и најавија почеток на внатрешна истрага, но ништо повеќе. Не следеше јасно објаснување, само порака од која можеше да се разбере дека сите клубови го прават тоа. Доколку Лапорта не даде разумно објаснување, мора да поднесе оставка, рече Тебас.
Скандалот со Лапорта доаѓа во време кога Барселона е лидер на табелата во Ла лига со осум бодови предност пред Реал Мадрид по 22 одиграни кола. зс/