• понеделник, 22 април 2024

Талент за тенис и математика десетгодишниот Василиј Закоски, добитник на признание за Денот на Општина Тетово

Талент за тенис и математика десетгодишниот Василиј Закоски, добитник на признание за Денот на Општина Тетово

Тетово, 5 март 2023 (МИА) - Голем талент за повеќе сфери, особено за математика и тенис, голем број награди, медали, дипломи и признанија во овие две различни области, петтоодделенецот Василиј Закоски од Тетово е еден од добитниците на признание по поводот Денот на Општина Тетово 3 март, кој како поединец придонел во афирмација на градот. 

Во моментот Василиј иако има 10 години (роден е во април 2012 година) е прво рангиран тенисер во категорија на играчи до 12 години на државно ниво. Прв пат сега како државен првак во таа категорија е повикан во репрезентативниот состав, со цел да учествува на двонеделен камп и турнир во Анталија, Турција. Во февруари го освои и првото место на општинскиот натпревар по математика, како и златен медал на Меѓународниот натпревар по математика „Математика без граници“ - единствен акредитиран интернационален натпревар во нашата држава, во кое учество имаат повеќе од 27 држави.

И изминатите години неколку години бележи голем број први места во многу натпревари по математика и секако во тенисот. Во 2022 година има освоено први места на Македонската математичка олимпијада, натпреварот „Кенгур“, општински натпревар по математика на пролетен круг од натреварот „Математика без граници“. Воедно има и повеќе втори и трети места.

Во тенисот со години наназад успева да биде победник во категории што се над неговата возраст. Во 2022 година бележи едно прво место на турнирите кои во рамки на Отворено првенство на Македонија, како и прво место на меѓународен тениски турнир Чери куп (Cherry cup)-момчиња до 11. На турнирите од Отвореното првенство лани бележи и две втори, две трети места како и едно трето место екипно.

Две први места бележи во 2021 година кога на осумгодишна возраст победил на турнирите каде се натпреваруваат деца до 11 години или Зелен тенис, како и прво место во двојки на интернационален тениски куп во Дубровник, Хрватска за деца под 11 години. Во 2022 година бележи едно прво место на турнирите кои во рамки на ОПМ како и прво место на меѓународен тениски турнир Чери куп (Cherry cup)-момчиња до 11. На турнирите од Отвореното првенство лани бележи и две втори, две трети места, како и едно трето место екипно. Две први места бележи во 2021 година кога на 8 годишна возраст победил на турнирите каде се натпреваруваат деца до 11 години или Зелен тенис, како и прво место во двојки на интернационален тениски куп во Дубровник, Хрватска за деца под 11 години.

Со тенисот Василиј се запознал како мало дете, додека го чувал дедо му, татко на неговата мајка Марија, гледајќи ги редовно овие спортски натпревари на телевизија. Така некако се родила и идејата Василиј да почне да тренира во тетовскиот клуб Љуботен. Почнал да тренира на четири години во група, а бидејќи во Тетово има можност за вежбање само преку лето, тренерите им препорачале на родителите да продолжи со тренинзи во Скопје.

- Ни кажаа дека има талент и ако имаме услови да продолжи да се занимава со тенис. Почнавме да го носиме и во Скопје на тренинзи. Имаше тренинг сам на сам со тренер, кој почна да го носи по турнири и така почна да напредува. Сам сакаше да почне и прифати да продолжи да тренира во Скопје. Жртва е голема за да се постигне секојдневно да се патува и да се тренира, вели неговата мајка Марија Закоска.

Родителите го поддржуваат да тренира тенис и поради советите на лекарите дека овој спорт помага за подобар фокус на очите, со оглед дека Василиј носи очила. Ги поттикнало и тоа што добивале совети дека е добар и треба да продолжи со унапредување во овој спорт.

За талентот во математиката и двајцата родители се сигурни дека има генетска предиспозиција. Двајцата, мајката Марија и таткото Александар, учеле во природно-математички смер во тетовската гимназија и биле одлични по математика, иако понатаму се определиле за други насоки на факултетско образование. И за спортот има некој фамилијарен ген со оглед дека брат на дедото на Василиј е познатиот фудбалер Стеве Закоски, како и таткото на Марија кој играл фудбал.

-За математика има дарба тоа е несомнено. Учителката уште во второ одделение рече дека се истакнува во класот, дека решава задачи и за поголеми деца без некој посебен труд. Сега поради тенисот и жртвувањето за тренинзите тој не ни има време многу да се посвети на вежбање математика. Со малку труд решава многу задачи, а има секој година голем број на награди, први места, медали и слично. Да посвети уште повеќе време на математиката уште поголеми успеси би имал. Но сепак повеќе е концентриран на тенисот, објаснува Марија.

Василиј е скромен. Не сака многу да зборува, туку сака повеќе да прави, да работи, да постигнува.

-Во тенисот идол ми е Циципас. Кога ќе пораснам сакам да бидам тенисер, вели скромното дете.

Тој е петто одделение во ОУ „Братство-Миѓени“ кај одделенската наставничка Негица Павловска.

- Денот му е исполнет со обврски. Наутро има фитнес тренинг, а после тоа до времето додека треба да оди на часови, ги извршува обврските поврзани со предметите од училиште. По завршување на училишните часови го носиме на тренинг по тенис во Скопје. Жртвата е во тоа што нема време да учи за во училиште. Па се снаоѓа, учи во автомобилот додека татко му или јас го возиме за да стигнеме од Тетово до Скопје и назад. Исто така и во кола му се случува да јаде, да се пресоблекува и такви работи. Се обидува колку може да се не изостанува и од дружбите со другарите и врсниците, правиме жртва да оди на роденден, да не се дели од децата, се снаоѓаме, не отсуства од школо, вели мајката.

И покрај големиот број долгочасовни обврски Василиј оди и на часови по пијано во вторник и четврток.

Сега е член на тенискиот клуб МТП од Скопје. Со оглед дека стана прворангиран во категорија на тенисери до 12 години како репрезентативец, а има десет години, морале да му изработат по мерка нови тренерки со македонските национални обележја.

Александар Самарџиев

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан