СУТКОЗ и ССМ обвинија за незаконско постапување во ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово, директорот Стојчевски негира
- Раководството на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Северна Македонија (СУТКОЗ) и на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на прес-конференција го обвинија директорот на кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“ Даниел Стојчевски, за незаконско постапување при зголемување на плати за вработени. Директорот негира и вели дека постапува согласно законот, обвини дека постапката се води поради политички причини.
Куманово, 14 февруари 2024 (МИА) - Раководството на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Северна Македонија (СУТКОЗ) и на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на прес-конференција го обвинија директорот на кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“ Даниел Стојчевски, за незаконско постапување при зголемување на плати за вработени. Директорот Стојчевски негира и вели дека постапува согласно законот, обвини дека постапката се води поради политички причини.
Синдикалните лидери велат дека по штрајкот на вработените во јуни 2022 во согласност со Законот за усогласување на платите, по склучена спогодба помеѓу синдикатите и директорот, вработените добиле зголемување, по три месеци директорот еднострано го раскинал договорот, откако требало да следи уште едно зголемување на плати за десет проценти.
- Вработениот е оштетен за 4.200 денари на основица на плата, бидејќи покачувањето од десет проценти е на намалена основица. СУТКОЗ презема мерки во согласност со законските прописи за да ги заштитиме работниците. Доставени се пријави до Државниот инспекторат за труд кој донесе решение за отстранување на недостатоците, изречена е казна за претпријатието. Народниот правобранител утврди дека незаконски е укинувањето на потпишаната спогодба, изјави претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски.
Тој информираше дека СУТКОЗ поднел и кривична пријава против директорот на комуналното претпријатие. Вработените ќе поднесат тужба против директорот и претпријатието со која бараат надоместување на штетата за вработените. За ССМ е нелогично раскинувањето на спогодбата и нејасно е зошто нема разбирање од страна на менаџментот на претпријатието.
- Нечовечки, нелогично, крајно непринципиелно, каубојски е да намалувате плата, па да кажувате дека сте зголемиле. Едностраното раскинување на договорот предизвикува финансиски импликации. Упатувам порака да се најде решение за кратко време. Сто колеги доколку поднесат тужби и не е фер заради самоволие да збогатуваме адвокати, судови, наместо да зголемиме плата, изјави претседателот ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој кажа дека ова е единствено претпријатие во државата кое се однесува вака и апелираше да се вратат платите на нивото пред намалување и нагласи дека вработените можат пак да протестираат за време на избори.
Директорот на ЈП, Даниел Стојчевски кажа дека платата на административните службеници не ја определува тој, туку законот и ако законот дозволува веднаш би ја зголемил.
- Како менаџер мора да работам согласно законските прописи. Платите изминативе години се зголемени за 70 проценти, во минатото имаше плати од 6.000 до 8.000 денари, сега тоа е минато, редовно сите земаат плата, кажа Стојчевски.
Тој потсети дека вработените барале повисока плата за 2.800 денари, за што е постигнат договор и јавното преторијатие донело одлука во 2022 и наредната 2023. година. Синдикатот барал линеарно зголемување, а исходот бил зголемување од 10 проценти. Одлуката рече е донесена согласно законите, а УО донел одлука за зголемување на бодови. Стојчевски кажа дека постапува согласно насоките на ревизија и смета дека Трудовиот инспекторат донел една одлука, а после самиот се негирал, за што Стојчевски повел жалбена постапка. Тој смета дека дека целиот процес има политичка заднина и кажа дека 2.800 денари ги нема во законската рамка и нарачал вештачење. Овој проблем според него треба да се реши во рамки на претпријатието, преку акти на синдикатот и нагласи дека не сака да одговара како некои менаџери за незаконска исплата на плати. ам/лв/
Фото: МИА