• вторник, 14 јануари 2025

Супертајфунот Јаги го погоди северниот брег на Виетнам

Супертајфунот Јаги го погоди северниот брег на Виетнам

Ханој, 7 септември 2024 (МИА) - Супертајфунот Јаги денеска го погоди северниот брег на Виетнам, каде што едно лице загина, откако претходно во Кина однесе три животи, а на Филипините околу дваесет, според најновите официјални извештаи.

Разорниот тајфун на пладне го зафати брегот на северните провинции на Виетнам, откорна илјадници дрвја и однесе бродови, објави VNExpress. Металните покриви и рекламните паноа летаа низ градот Хајфонг поради силниот ветер што го донесе тајфунот, заедно со обилни дождови.

Според државните медиуми, еден маж загина во провинцијата Хаи Дуонг откако силен ветер урна дрво. 

Пред да го погоди копното, тајфунот откорна стотици дрвја на островот Ко То. Силниот ветер однесе покриви на неколку деловни објекти, училишта и домови.

Според локалните власти, ова е најсилниот тајфун регистриран на островот во последните неколку децении.

Премиерот на Виетнам, Фам Мин Чин, ги повика локалните власти да ги евакуираат жителите од опасните подрачја.

Затворени се четири аеродроми на северот на земјата, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Нои Бај во главниот град, а пловидбата е забранета од вчера.ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан