• понеделник, 18 ноември 2024

Сунак и Туск: Дојде време Европа да се вооружи на координиран начин

Сунак и Туск: Дојде време Европа да се вооружи на координиран начин

Варшава, 23 април 2024 (МИА) - Премиерите на Велика Британија и Полска, Риши Сунак и Доналд Туск денеска во Варшава оценија дека е дојдено време Европа брзо да се вооружи и итно да создаде тесно координирана безбедносна политика која ќе го опфати целиот континент од различни иницијативи во областа на одбраната и воената индустрија.

„Разговаравме за растечките закани. Најавив најголемо зголемување на нашиот буџет за одбрана на 2,5 отсто од БДП. Дојде време да се вооружиме“, изјави британскиот премиер Сунак по разговорите со Туск.

Премиерот Туск рече дека тој и Сунак денеска разговарале во воената база во Варшава со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека е неопходно европските земји да престанат да се натпреваруваат меѓу себе во одбранбените иницијативи.

„Нема сомнеж дека од различни поединечни иницијативи мора итно да се роди координирана безбедносна политика која ќе го опфати целиот континент, ЕУ и Велика Британија. Мораме да престанеме да се натпреваруваме едни со други и да се натпреваруваме во различни иницијативи во областа на одбраната. Треба да ги убедиме нашите партнери целосно да ги координираат одбранбените системи, оружјето и одбранбената политика“, рече полскиот премиер.

Сунак и Туск истакнаа дека Западот мора да и помогне на Украина да се одбрани од постојаното бомбардирање и напади на Русија, а британскиот премиер порача дека е време да се искористат замрзнатите руски средства и со нив да и се помогне на Украина.

Во разговорите полскиот и британскиот премиер посветиле внимание и на илегалната миграција, која, како што рече Туск, иако има свои специфичности и разлики на источната граница што ја чува Полска, како и на британската граница, на крајот ги има истите негативни последици.

„Заедно се бориме против илегалната миграција, која Лукашенко и Путин ја гледаат како оружје“, рече Сунак.

„Свесни сме за сите околности, знаеме дека тоа е чувствителна тема. Но, задача број еден на секоја влада е да ја контролира својата територија, да ги заштити своите граѓани, да ги контролира и обезбедува границите. Во Полска и Велика Британија има различни типови на миграција, но последиците на крајот се исти“, рече Туск.

Британскиот премиер денеска на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Столтенберг изјави дека Велика Британија на Украина ќе и испрати дополнителна помош од 500 милиони фунти, што значи дека овогодинешниот британски пакет помош за Украина ќе достигне 3,5 милијарди фунти.

„Сега најавувам најголемо зголемување на нашата одбрана. До 2030 година ќе ги зголемиме средствата за одбрана на 2,5 отсто од БДП. Денеска ги започнуваме овие активности и квотата ќе се зголеми уште повеќе. Во следните шест години ќе инвестираме дополнителни 75 милијарди фунти во нашата одбрана“, рече Сунак.

Тој додаде дека една од главните лекции од конфликтот во Украина е дека е неопходно западните сојузници и Велика Британија да создадат поголеми резерви на муниција и дека тие мора побрзо да се надополнат.

„Ќе ја префрлиме нашата воена индустрија во воен режим. Одвојуваме 10 милијарди фунти за муниција за да може нашата воена индустрија да добие сигурност од долгорочни договори, за да може да произведува повеќе и да биде подготвена да го зголеми производството во секој момент“, рече Сунак во Варшава. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан