• понеделник, 23 декември 2024

Судскиот совет одржа јавна расправа по барање за утврдување одговорност против судијата Лазар Нанев

Судскиот совет одржа јавна расправа по барање за утврдување одговорност против судијата Лазар Нанев

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) – Судскиот совет денеска одржа одржа расправа по поднесено барање од Весна Дамева за утврдување одговорност, против судијата од Основен суд Кавадарци, Лазар Нанев. Расправата беше отворена за јавноста, по барање на судијата, а по донесена одлука од страна на Советот.

Ова е втора јавна расправа за утврдување одgоворност против судијата Нанев, откако минатата недела Судскиот совет расправаше по барање од судијката Антоанета Димовска.

Претседателката на Комисијата на известители, Лорета Георгиева, рече дека по донесување на одлука Комисијата писмено ќе го извести со допис судијата.  

Подносителката на барањето, Весна Дамева, рече дека тоа е поднесено минатата година, поради повеќе околности – постапување и однесување во два одделни писмени известувања доставени до Судскиот совет и сите членови на Судскиот совет во кои Нанев на „недоличен и недостоен начин“ со намера да ја омаловажи и понижи „изнесе обвинувања за наводно мое незаконито постапување“. 

- Упати сериозни критики во врска со работата, односно постапување на друг член на Судскиот советот, кој одреден период беше координатор за следење на работата на Основниот суд Кавадарци. Се обиде да наметне цензура и да го спречи слободното одлучување во Судскиот совет, на начин и со намера да влијае врз постапувањето и одлучувањето на одредени членови на Советот, за тоа како треба во идни дискусии да се воздржуваат од нивното право слободно да го кажат мислењето и слободно да гласаат во постапки во кои ќе се одлучува за овој судија, доколку личното мислење или став на членот на Советот не е во корист на судијата Нанев, изјави Дамева.

Со тоа, според Дамева, судијата Лазар Нанев кој тогаш бил и претседател на Судот во Кавадарци, го нарушил угледот на ОС Кавадарци и угледот на функцијата која ја извршува. 

-  Поразителен е начинот на изразувањето. Употребениот вокабулар, па дури и малициозноста при обраќањето содржано во дописите. Ова е особено фрапантно дека тој знаел и бил должен да знае дека доколку сметал дека неговите права по било кон основ се повредени или нарушени, можел истото да го оствари во соодветна постапка и на начин согласно со закон, изјави Дамева. 

Со наведените дејствија, според Дамева, судијата Нанев сторил потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност за судија, и тоа „посериозна форма на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и судиската функција“. 

Во денешната одбрана пред комисијата во Судскиот совет, судијата Нанев рече дека подносителот на барањето Дамева на крајно нецивилизиран начин со „манипулации од позиција на сила“ и „јасна злоупотреба и искористување на правото што го има како член и претседател на Судскиот совет“ својата лична нетрпеливост и омраза кон него, се со цел, како што рече, негова „лична дискредитација при конкурсите и обидите за мое унапредување“.

- Не трпејќи успешни и напредни судии, но користејќи вешта манипулација. Манипулира за некакви мои недоличности, незаконитости, нарушување на некаков углед, без да знае дека ОС Кавадарци е најуспешниот суд воопшто во државата, кој што со својот респект, почит, колегијалност и достоинство се воздигна во светски познат суд, а нејзината омраза, гнев се обидува да го преточи и искористи за мое омаловажување и навреди на сето она што досега го имам направено, изјави Нанев.

Не може, нагласи Нанев, да се соочи со неговиот личен успех како судија и неговото CV од 30 страни.

-Тоа што бев прворангиран судија во резултати, со недостижен број на бодови и недостижни квалификации, таа не го спомнува, изјави Нанев.

Судскиот совет минатата недела одржа јавна расправа, исто така, во врска со постапка иницирана по поднесени барања за одговорност на судијата Нанев, но тој тогаш не присуствуваше на истата, иако барал од Судскиот совет да биде јавна, за да може јавно да се произнесе по наводите. Советот тогаш одржа јавна расправа без негово присуство. 

Подносителот на барањето, судијката Антоанета Димовска, рече дека Лазар Нанев намерно или ненамерно направил крупна професионална грешка и како Судија примил во работа предмет против обвинет со кој остварувал телефонска комуникација. аа/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан