• вторник, 19 ноември 2024

Судскиот совет го разгледа извештајот од работната посета на ОС Гевгелија, во кој врши увид и во предметот за кој реагираше австрискиот амбасадор Вуцас

Судскиот совет го разгледа извештајот од работната посета на ОС Гевгелија, во кој врши увид и во предметот за кој реагираше австрискиот амбасадор Вуцас

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Судскиот совет на денешната 470. седница го разгледа и усвои Извештајот од работната посета на Основниот суд Гевгелија, кој меѓу другото врши увид и во предметот од јавен интерес, поврзан со изречената времена мерка на имотот на правното лице „Дена продукт“ заради спор со правен субјект од Австрија, за што во отворено писмо во јуни годинава реагираше и австрискиот амбасадор во заминување Георг Вуцас.

Претседателката на работната група на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, посочи дека од посетата на Основниот суд во Гевгелија има неколку заклучни согледувања.

-   Прво, во предметите по предлозите за привремени мерки од кривична материја, сметаме дека нема пропусти. Не најдовме пропусти и незаконитости во постапувањето на Основниот суд Гевгелија. На крај, овие предмети завршуваат со повлекување на барањето на предлогот за определување привремена мерка од страна на Основното јавно обвинителство Гевгелија, изјави Чачарова-Илиевска.

Во, однос на предметите од граѓанска материја по предлогот за издавање привремена мерка Работната група на Судскиот совет, забележува неколку состојби, како долго траење на постапката по предлогот за определување привремена мерка.

-   Предлогот за првпат е изјавен на 3 септември 2021 година, а постапката со конечна одлука со која се усвојува предлогот завршува на 9 февруари 2023 година. Ова од аспект на начелото на итност на постапките за привремена мерка, сметаме дека е подолг период. Второ, начелото на итност во постапката, сметаме дека создава обврска и за странките и за судот. Во конкретниот случај, она што беше наведено во извештајот, дополнителното доставување поднесоци за дополнување на доказната постапка и нивно доставување до судот непосредно пред закажаното рочиште преставува голем допринос на страна на странките во однос на одолговлекувањето на постапката и злоупотреба на нивните процесни права. Зборувам за двете странки, и за предлагачот и за доверителот. Нема пропусти и незаконитости во постапување на страната на судовите оценивме. Меѓутоа се поставува прашањето во случајот за ефикасно и ажурно постапување на Апелациониот суд Скопје, кој по жалбена постапка по ист предлог, постапува повеќе пати. Ова, сметаме дека е значајно од аспект на прашањето дали долгото траење на постапката по итен карактер остава простор за незадоволство на предлагачот, иако на крај, предлогот му е усвоен со конечна правосилна одлука, изјави Чачарова-Илиевска.

Работната група, посочи Чачарова-Илиевска, предлага Извештајот да биде доставен до Апелациониот суд Скопје, но и од Основниот суд Гевгелија, каде на седница да биде разгледан.

Воедно, Работната група, предлага Судскиот совет да му предложи на Врховниот суд да заземе став за воедначување на судската пракса, да при одлучување во втор степен од Апелационите судови, да имаат во предвид итноста на постапката по времените мерки, бидејќи сметаме дека е  недозволиво по еден предлог за времена мерка Апелациониот суд да одлучува четири пати како конкретен случај.

Во дискусија по предметот Антоанета Димовска, членка на Советот, рече дека извештајот е сеопфатен и дава одговор на сите прашања.

- Незадоволството на фирмата од Австрија е во неколку сегменти. Прво, зошто јавниот обвинител на двапати се одлучувал по привремена мерка, наеднаш го повлекува предлогот. Но, тоа е прашања до обвинителството. И, за мене е симптоматично. Како, имаше основ да поднесува предлог за привремени мерки, а потоа си го повлекува. Тоа е прашање што треба да го одговори обвинителството, а не судот. Судот постапува по она што барале, изјави Димовска.

Незадоволството на ова правно лице, посочи Димовска, е сосема оправдано, со оглед дека бара привремена мерка, по која две години не може да се одлучи.

- Неговото незадоволство е оправдано од целиот судски систем и странските инвеститори токму на тоа ни укажуваат. Ние, сега имаме судии во Апелационен суд што викаме дека се стручни, спремни, сме ги избрале таму и мора во рамки на тие докази да седнат и одлучат. Ако, треба ќе си закажат и расправа по предлог привремената мерак и да одлучат, инаку е бесмислена е привремената мерка. Тотално, се деградира нејзината улога и функција, изјави Димовска.

Работната посета, како што информира на почетокот претседателката на работната група на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, била извршена на 17 јули годинава и во однос на случајот, констатира дека во кривичната материја предметот почнува со барањето на ОЈО Гевгелија за определување привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со недвижен имот на правното лице „Дена продукт“ Велес, доставено до судот на 27 јануари 2023 година.

- Судијата на претходна постапка, постапувајќи по барањето на ОЈО Гевгелија, донело решение на 30 јануари 2023 година со кое предлогот се уважува и се определува времена мерка на недвижниот имот. Во образложението е наведено дека во прилог на барањето биле доставени доволно докази од кои произлегува дека сомневањето дека осмоничениот Атанас Костов, како сопственик и управител на „Дена продукт“, иако знаел дека се води кривична постапка пред ОЈО Гевгелија, арбитражната постапка пред меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија и постапка пред ОС Гевгелија, сепак преземал дејствија, па според тоа смета дека постои основано сомневање дека до крајот на кривичната постапка ќе биде осуетено, особено отежнато и оневозможено одземањето на имотот, кој било потребно да биде одземен и затоа било потребно да биде обезбеден со времена мерка, појасни известителот од работната група на Судскиот совет.  

Против ова решение поднесени се жалби од осомниченото правно лица „Дена продукт“ од Велес и на осомниченото правно лице „Глобал трејд“ Валандово, за кои се оформени два предмети.  Жалбата на „Дена продукт“ се уважува, а на „Глобал трејд“ се отфрла.

- Решението од 30 јануари 2023 на ОС Гевгелија се преиначува, така што, барањето за определување времена мерка на имотот се отфрла како неосновано. Во образложението на решението се дадени образложените причините за ваквото решение. Советот нашол дека барањето за определување привремена мерка не било во согласност со ЗКП и не содржело податоци за вредноста на целокупниот недвижен имот, по кој основ е стекнат имотот и запишан на име на осомничените. Исто така, кон барањето не биле приложени докази врз основа на кои се заснова основано сомнение дека недвижниот имот потекнува од кривични дела за кои е осомниченото правно лице, појасни Чачарова-Илиевска.

По донесување на решението од ОЈО Гевгелија повторно е поднесено барање за определување времена мерка на правното лице „Дена продукт“ да му се забрани располагање и отуѓување на имотот, а на „Глобал трејд“, да му се забрани да ги дава под закуп имотот.

- Во барањето на ОЈО Гевгелија се наведува дека без изрекување на ваква мерка постои опасност осомничените правни лица да го осуетат или значително отежнат наплатувањето на побарувањето преку оштетеното правно лице „АММА“ од Австрија, кое веќе било утврдено со пресудата на Меѓународниот центар за арбитража во Виена. Постапувајќи по ова барање, ОС Гевгелија донел решение од 10 февруари 2023 година, со кое се уважува предлогот за привремена мерка кон двете лица. Определено е оваа привремена мерка да трае до завршување на постапката, изјави Чачарова-Илиевска.

Кривичниот совет на ОС Гевгелија, по жалбите на двете правни лица одлучува во една постапка, на нејавна седница од 7 март 2023 година, донел решение со кое жалбите се уважуваат.

- Решението од 10 февруари 2023 година се укинува. Предметот се враќа на судија на претходна постапка, на повторно постапување и одлучување. И, во ова решение има образложени причини. Во образложението се наведува дека се основани жалбените наводи за сторени суштествени повреди на кривичната постапка, изјави Чачарова-Илиевска.

По наоѓање на советот, при донесување на решението судијата на претходна постапка со сигурност не ја утврдил висината на имотно правното побарување, кое во решението е определена на износ од 3,8 милиони евра, а во арбитражната пресуда од меѓународниот центар во Виена, е определено оштетено побарување од 2,1 милиони.

ОС Гевгелија при повторно постапување, на 16 март годинава доставил писмено барање до ОЈО Гевгелија да ги прецизира овие работи.

-  Бидејќи не постапил по барањето од 16 март, до ОЈО Гевгелија е пуштена ургенција од судијата на претходна постапка на 13 април годинава. ОЈО Гевгелија на 11 мај 2023 година го известува ОС Гевгелија дека го повлекува предлогот за привремена мерка, изјави Чачарова-Илиевска.

Во предметите од граѓанска материја воден е еден предмет, оформен по предлог за издавање дозвола за привремена мерка заради обезбедување на парично побарување од странскиот субјект „АММА“ од Австрија, од 3 септември 2021 година.

- Она што е карактеристично во овој предмет и од двете странки, иако се работи за предмет од итен карактер се доставувале нови поднесоци, докази и вештачења, кои што како, работна група констатиравме во извештајот се една од причините за одолговлекување на постапката, изјави  Чачарова-Илиевска.

Членот на судскиот совет Ивица Николовски, кој исто така, бил дел од работната група и учествувал во изработката на Извештајот по работна посета на Основен суд Гевгелија, рече дека неспорно во рамки на редовната посета било земено в предвид и одважувањето на австрискиот амбасадор во врска со тоа како субјектот со седиште во Австрија е третиран од страна на судовите во Република Северна Македонија

- Би се задржал конкретно на вонпарничниот предмет, кој е последица од еден воспоставен облигационен однос на странски елемент, со домашен субјект, од кој има побарување. Договорот е склучен 2016 година, со нормално слободна изразена волја и како и секој договор, предвидува права и обврски. Ова е договор за ексклузивност, посебен вид трговски договори, со јасно определени права и обврски на двете страни. Доверителот преку авансни уплати ги финансира сите активности на должникот, а добиениот производ должникот се обврзува исклучиво да го продава на договорната страна, освен ако оваа страна одбие да го купи. Предмет на договорот е производство и испорака на земјоделски производи – корнишони, изјави Николовски.

Моментот, кој, како што посочи Николовски, е основа за поднесување на предлогот е ставот на доверителот дека према должникот има извршено повеќе аванси уплати од добиена стока.

- Доверителот предлага забрана на должникот да ги отуѓи или оптовари своите недвижности со забелешка во јавна книга и забрана истите да ги даде под закуп, односно забрана да располага со недвижен имот. Предлогот на оваа привремена мерка, од страна на предлагачот, мерката трае 15 дена од денот кога арбитражната одлука на судот во Виена ќе стане правосилна и извршна во РСМ, а во текот на расправата предлогот е изменет и се бара мерката трае 15 дена од денот на донесување на одлука на арбитражниот суд. Според мене, како практичар, оваа мерка е многу престрога затоа што со ваквата мерка, целосно се оневозможува, а судот е должен да води сметка, должникот да го остварува деловниот потфат. Ако должникот не може да ја врши дејноста заради која е основан и не може да го остварува деловниот потфат, тогаш се поставува прашањето како може должникот ако има обврска кон доверителот, да ја исполни таа обврска, во услови кога споменатиот договор е во сила и не раскинат од ниту една страна, изјави Николовски.

При склучениот договор, посочи тој, двете страни имале право и можност да се повикаат на приемна на облигациони инструменти за обезбедување наплата, како што се гаранција, банкарска гаранција, договор за побарување, заложница.

- Од сето ова констатирано, ние како Работна група дадовме препораки, кои што мислам дека се издржани. Да се укаже на Апелационите судови да бидат поодлучни и мериторни, но и да се охрабрат првостепените судови по ваквите предлози да постапуваат конкретно, зошто и од кои причини, изјави Николовски.

 Ова го кажувам, нагласи Николовски, затоа што самите субјекти по своја волја и своја визија направиле бизнис зделка и законот им дал можност да ги применат сите инструменти за обезбедување на своите интереси.

- Во конкретниот случај, не може ако едната странка остане незадоволна од веќе замислениот или започнатиот бизнис интерес, секогаш да се фрла дамка на судот, изјави Николовски.

Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, во јуни годинава во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правото и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробиле судството и службениците (извршителите и нотари) во случајот со австриската инвестиција во земјава на AMMA Import Export GmbH (AMMA), и побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани „сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите“. Вуцас бара и надлежните комори на извршители и нотарите да ги укинат лиценците на „правните службеници кои ги злоупотребиле нивните овластувања“, и овозможиле, како што наведе „да се избегне и спречи признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3 јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер“. аа/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан