• понеделник, 23 декември 2024

Судска администрација на протести, бараат покачување од 78 проценти на минималната плата и 35 проценти за додатоци

Судска администрација на протести, бараат покачување од 78 проценти на минималната плата и 35 проценти за додатоци

Скопје, 12 септмеври 2023 (МИА) - Судската администрација од Основниот кривичен суд и Основниот граѓански суд денеска повторно протестираше, откако им било кажано дека не е предвидено поголемо покачување за нив од 10 проценти. Претставници на синдикатите за судска администрација денеска во изјава за медиумите за време на протестите пред Министерство за финансии истакнаа дека сега бараат покачување од 78 проценти на минималната плата и 35 проценти за додатоци на судските службеници. Тие исто така информираа дека од утре ќе се приклучат и службeниците од другите судови.

Претседателката на штрајкувачкиот одбор на Основниот кривичен суд, Јасмина Величкова, во изјава за медиумите истакна дека на вчерашната одлука за стапување во штрајк на овие два суда од утре ќе се приклучат сите останати судови.

-Барањата на штрајкувачкиот одбор се: Покачување на платата на судската служба од 78 проценти на минималната плата во судската служба и 35 проценти додаток на плата за судските службеници, истакна Величкова.

Таа исто така напомена дека во изминатите пет години немало покачување на платите за судските службеници.

Од друга страна, имајќи го во предвид лошото искуство во изминатиот период во врска со доделување на додатокот за плата од страна на судскиот совет за буџетот и нивното укинување за судската служба, Величкова изјави дека бараат трајно решавање на истиот проблем со предвидување на 35 проценти додаток на плата со оглед на специфичноста, ризикот и обемот на нивната работа.

Информираше и дека денеска по нивно барање имале средба со претставник од Министерството за финансии, каде што биле известени дека за нив не се предвидени зголемувања на плати и на додатоци.

Во одговор на новинарско прашање таа рече дека службениците ќе протестираат секој работен ден пред своите судови низ државата.

Претседателот на Независниот синдикат на државна адмиинистрација, Горан Ристески, изјави дека одлуката за штрајк е донесена по вчерашните два состаноци во Основен граѓански и Основен кривичен суд, бидејќи, како што кажа, времето коешто беше дури и предолго за разговори не вроди со плод, односно нивното мислење немало слух од страна на надлежните.

-Минатиот период имавме неколку преговори само со Судскиот совет на Македонија. Министерството за правда не ги испочитува неколкуте наши барања за прием, воедно и Министерството за финансии не не испочитува за прием, претседателот на Владата исто така го известивме дека повеќе од потребно е да имаме средба на којашто ќе им укажеме на проблемите што се случуваат во судството, во делот на затворскиот систем итн, посочи Ристески.

Информираше дека штрајкувачкиот одбор на Основниот кривичен суд го ставил штрајкот на мирување согласно Законот за мирно решавање на работни спорови, но штрајкот во Основниот граѓански суд се уште е активен и дека денеска одборот ќе одржи состанок и ќе одлучи што понатаму.

Тој исто така ги повика сите сојузи и конфедерации на взаемно делување во овој период за остварување на работничките права.

Потпретседателката на Здружението на судска администрација, Рената Ѓорѓиевска, истакна дека овие барања се во согласност со сите нивни партнери.

Претседателот на Синдикалната организација na правосудството во Основниот кривичен суд Скопје, Драган Јосески, покачувањето од само 10 проценти за судството го оцени како неправедно и некоректно.

Судските службеници денешните протести ги започнаа утрово од пред платото на Основниот кривичен суд Скопје, продолжија пред зградата на Министерството за финансии, како и пред Министерството за правда.

За време на штрајкот судството ќе работи само на случаи за странци, за притворски предмети и како и за времена мерка во Граѓанскиот суд, а нема да се работи во ниту еден друг предмет. сх/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан