• петок, 05 декември 2025

Судири во Кенија меѓу полицијата и демонстрантите кои бараат смена на претседателот

Судири во Кенија меѓу полицијата и демонстрантите кои бараат смена на претседателот

Најроби, 7 јули 2025 (МИА) - Полицијата во Кенија денеска се судри со демонстрантите за време на антивладините протести во Најроби. Властите ги блокираа главните патишта што водат до главниот град, а повеќето продавници беа затворени.

Демонстрантите запалија огнови и фрлаа камења кон полицијата на барикадите, додека полицијата пукаше и солзавец. Еден демонстрант беше повреден.

Кенијците протестираат против полициската бруталност и лошото управување и бараат оставка од претседателот Вилијам Руто поради наводна корупција и високите трошоци за живот.

Денеска, 7 јули, познат како Саба Саба (на Свахилски значи Седум Седум), е значаен датум во поновата историја на Кенија бидејќи ја одбележува годишнината од првите големи протести пред 35 години, кога тие побараа транзиција од еднопартиска држава во повеќепартиска демократија, што беше постигнато на изборите во 1992 година.

-За духот на Генерацијата З, нема враќање назад од Саба Саба. Обидот за криминализација на протестите ќе предизвика реакција и нема да успее, правејќи ја владата да гледа назад и доволно очајна за да го поткопа Уставот, рече Макарија Мунене, професор по историја и меѓународни односи на Африканскиот меѓународен универзитет во Најроби.

Министерот за јавни служби Џефри Руку ги повика сите државни службеници да се појават на работа денеска, велејќи дека демонстрациите нема да ги нарушат јавните услуги.

Министерот за внатрешни работи Кипчумба Муркомен рече дека владата нема да толерира насилни протести и дека полицијата ќе биде распоредена за да се обезбеди јавната безбедност.

Улиците што водат до парламентот и претседателството беа опкружени со бодликава жица.

Насилни протести избувнаа и во јуни, кога беа убиени најмалку 16 лица. Гневот беше предизвикан од смртта на блогер во притвор и отворањето оган врз граѓаните за време на протестите поради смртта на блогерот.

Повредени се повеќе од 400 лица. мс/

фото: ЕПА архива

 

Остани поврзан