• недела, 22 декември 2024

Судење на Златна зора – додека сведочеше мајката на убиениот музичар, адвокат поздравуваше нацистички

Судење на Златна зора – додека сведочеше мајката на убиениот музичар, адвокат поздравуваше нацистички
Атина, 7 октомври 2022 (МИА) – Лекарот ми рече дека Павлос не е жив, дека е убиен и дека го уби Златна зора, а убиецот е фатен. Го прашав: Се обидовте да го спасите? Ми рече дека ништо не можеле да направат, ударите и убодите со нож беа професионални, рече мајката на убиениот грчки музичар Павлос, Магда Фиса во нејзиното сведочење на денешното рочиште против Златна зора, убиство кое пред девет години беше пресудно за да се откријат вистинското лице и вистинските активности на неонацистичката партија, која всушност функционирала како криминална организација, јави дописничката на МИА од Атина. Точно две години откако на 7 октомври 2020 година, беше донесена пресудата и Златна зора беше прогласена за криминална организација, денеска во атинскиот суд продолжи судењето на втор степен, по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен. Рочиштето започна мирно, со сведочењето на Фиса, но се создаде мала тензија кога еден од адвокатите на осудените членови на Златна зора, Константинос Плеврис, кој воедно е и татко на актуелниот министер за здравство, стана и упати нацистички поздрав. Веднаш потоа присутните извикуваа „Фашист, фашист“ и „Павлос е жив, уништете ги нацистите“, по што рочиштето кусо беше прекинато. Мајката на убиениот музичар детално раскажа и опиша што се случувало на 17 септември 2013 година, кога со неколку убоди од нож, членот на Златна Зора Јоргос Рупакиас го уби Фисас, а неговата мајка иако не беше присутна на убиството на нејзиниот син, ги пренесе сведочењата на неговите пријатели и неговата девојка. Во преполната судница, со оглед на тоа дека судењето е отворено за јавноста, освен голем број новинари, имаше и пријатели на убиениот Фисас, но и претставници од опозициската СИРИЗА, меѓу кои и портпаролот на партијата, генералната секретарка и поранешни министри, а сега пратеници. Од осудените членови на партијата и поранешни пратеници, во судницата присутен беше само Јанис Лагос. Паралелно со рочиштето, пред судот се одржа и мирен антифашистички протест. Демонстрантите порачаа дека членовите на Златна зора „не се невини“, дека „постои една одлука, местото на нацистичките криминалци им е во затвор“ и побараа да нема намалување на затворските казни, а паралелно извикуваа „Павлос е жив, уништете ги нацистите“. Повторниот судски процес против Златна зора по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен започна на 15 јуни годинава. Согласно пресудите од пред две години, лидерот на Златна зора Никос Михалољакс и пет поранешни пратеници од партијата, добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација, останатите пратеници добија од пет до седум години, а убиецот на музичарот Павлос Фисас, доби доживотна затворска казна. Новото судење, според адвокатите се очекува да трае најмалку две години. Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент. ср/паг/ Фото: МИА

Остани поврзан